Нема веќе привремени вработувања, се укинува позицијата „државен советник“, систематизација ќе може да се реализира само два пати годишно, полињата за матичен број и националност ќе биде невозможно да се менуваат, а државни секретари, директори и заменици директори ќе се бираат низ отворена, транспарентна постапка. Ова се само некои од новините за реформи во администрацијата и јавниот сектор, предвидени со законските измени што ги подготвува Владата.
Како што рече вечерва министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, петте закони, за административни службеници, за вработени во јавниот сектор, за високо-раководна служба, за АВМУ и за дигитална агенција, се веќе во владина постапка и се очекува многу брзо да бидат испратени до Собранието. Притоа, сите се со европско знаменце.
-Тука сме да креираме законска рамка компатибилна со европските вредности. Ценам дека треба да креираме закони според вредностите на ЕУ, а не да калкулираме колку гласови ќе изгубиме. За седум месеци овие закони кои со години не беа реализирани, се при крај. Се очекува законите деновиве да бидат изгласани на владина седница. Очекувам до 2 ноември, кога има собраниска седница, да завршат владините процедури и законите да бидат ставени на седница во Парламентот, истакна Алиу во гостувањето на Топ Тема, образложувајќи дел од новините што ги предвидуваат законите.
-Целта на законот за високо-раководна служба е да се креира модел врз начелата на рационалност, демократичност и транспарентност. Идејата е законот да се ограничи на државните секретари во министерствата, на директори и заменици директори. Нема да бидат опфатени локалната самоуправа и институциите во надлежност на Собранието. „Државни секретари“, „директори“ и „заменици директори“ треба да се професионални позиции, а дали ќе биде личноста политички обоена или не, тоа и во ЕУ не е тема на разговор. Важно е профилот да е компатибилен со работното место и процедурите да бидат отворени и транспарентни. Се надеваме дека така ќе стигнеме до професионализација на јавната администрација. Сигурен сум дека на таков начин ќе дојдеме до позиции, до тоа – профилот на директорот да биде согласно барањата и описот на работното место. Во законот за вработени во јавниот сектор има неколку новини – сите вработени во јавниот сектор ќе може секоја недела да аплицираат и да полагаат испит за административен службеник, полињата за матичен број и националност ќе биде невозможно да ги смените ако се еднаш внесени за да се елиминира злупотреба. На раководни места нема да има веќе можност за вработување на определено време или вработување преку агенции за привремени вработувања, тоа ќе биде забрането. Новина е и тоа што систематизацијата ќе биде можна само два пати годишно за сметка на зголемување на процентот, сега е максимум 10, а ќе биде до 50 отсто, објасни министерот.






