Ковачевски, во рамките на Самитот се сретна и со премиерот на Холандија, Марк Руте. На средбата беше истакната поддршката на Холандија која е меѓу најголемите билатерални донатори на а Македонија и во континуитет помага во реформите на повеќе сфери во нашата земја, како почитување на човековите права, демократија, владеење на правото, реформи во судството, јавната администрација, заштита на маргинализираните групи во општеството.
Премиерот на Холандија, Марк Руте на средбата истакна дека Македонија стигна многу далеку во процесот и мора да го направи последниот чекор, за што побрзо членство во ЕУ. Изрази благодарност кон премиерот Ковачевски за поддршката и усогласеноста на а Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и поддршката за Украина. Руте му се заблагодари на Ковачевски што Македонија е стриктна во примената на визната политика.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност до Холандија за заложбите во градењето на независни институции во Северна Македонија, кои се столб на секоја европска демократија. Двајцата премиери разменија мислења околу евроинтеграциите на Македонија, со оценка дека објективниот пристап на Холандија во оценувањето на критериумите за пристапување на нашата држава во Унијата создава дополнителен импулс за Македонија во давање резултати и ја потврдува посветеноста на Владата на реформската агенда на земјата за побрзо членство на Македонија во ЕУ.
Премиерот на Ирска, Лео Варадкар, на средбата со Ковачевски истакна дека Ирска цврсто ја поддржува интеграцијата на земјава во ЕУ, и воедно е меѓу најголемите поддржувачи на политиката на проширување на ЕУ. На средбата од страна на ирскиот премиер биле посочени придобивките кои Ирска ги има како земја членка на ЕУ, истакнувајќи дека таквите придобивки важни за напредок и развој треба да ги почувствуваат и останатите земји. Во таа насока посочи дека Македонија веќе предолго чека на тој пат.






