Македонија Новости Топ Вести

Амнестијата влезе во Собрание


Предлог-законот за амнестија пристигна во Собранието. Кога ќе се гласа останува неизвесно, но најверојатно ќе биде идната недела, со оглед на тоа што министерот за правда Кренар Лога најави дека ќе биде на службен пат во САД, а сака самиот да го брани законското решение пред пратениците.

Предлог-законот ќе се носи по скратена постапка, но не е со европско знаменце.

Според предлогот на Лога, исто како и во 2018, со цел да се растеретат затворите поради лошите услови, ослободени би биле осудениците до 6 месеци затвор, а на осудените за полесни кривични дела затворската казна би им се намалила за третина.

Според ова, вкупно 286 затвореници осудени до 6 месеци затвор би требало да излезат на слобода, а на уште 996 затвореници би им се намалила затворската казна. Дополнително, упатни акти за издржување затворски казни имаат уште 2.813 осуденици. Дел од нив (оние кои се осудени на казни до 6 месеци затвор), ако се изгласа законот, воопшто нема ниту да влезат, на дел казната ќе им биде намалена за третина, а дел, осудените за потешки кривични дела, ќе влезат во затворските ќелии и во целост ќе ја издржуваат затворската казна. За ова, сè уште нема конкретни бројки.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *