Култура Македонија Новости Топ Вести

Скопскиот поетски фестивал ја потврди својата неопходност

Домаќини и гости на третото издание на Скопскиот поетски фестивал / Фотографија: Диме Данов

Шест поети од странство и повеќе од 60 домашни поети пред публика од вкупно околу петстотини присутни настапија на третото издание на Скопскиот поетски фестивал, што се одржа на 27 и 28 септември на повеќе локации во Скопје.

Интернационално поетско читање на кое настапија поетите Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта), Лана Деркач (Хрватска), Мартин Глаз Серуп (Данска), Драгослав Дедовиќ (Србија), Ален Брлек (Хрватска) и Николина Андова Шопова (Македонија) се одржа на последната вечер на третото издание на Скопскиот поетски фестивал, кој беше затворен на 28 септември со соло концерт на гитара на Александар Бошков и гостинот Ади Имери.

Настаните од фестивалската програма се одвиваа на неколку локации во Скопје, и тоа во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“), во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“, а настапија шест поети од странство и повеќе од 60 домашни поети пред публика од вкупно околу петстотини присутни.

Во програмата на фестивалот се одржаа неколку поетски читања, промоции на книги, изложба на фотографии, беа прикажани неколку поетски филмови, се одржа мастерклас, односно работилница за креативно пишување поезија со Имануел Мифсуд (Малта), панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство и јога во природа со поетска медитација.

Третото издание на Скопскиот поетски фестивал беше отворено на 27 септември со поетското читање под наслов „Воздух. Ветер. Дишење“. На отворањето настапија Санде Стојчевски, Лулзим Хазири, Моника Стојановска, Перица Сарџоски, Игор Трпчески, Николина Андова Шопова, Дарија Јовановска, Драгослав Дедовиќ (Србија), Лана Деркач (Хрватска), Ален Брлек (Хрватска), Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта) и Мартин Глаз Серуп (Данска). Читањето беше придружено од Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски и Владимир Лукаш со музичка импровизација на дувачки инструменти.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *