Не е завршен ниту еден од најкрупните случаи на СЈО, осум години од неговото формирање
Една од најчестите критики од Брисел и од судот во Стразбур, според Пендаровски, е што земјата најчесто не суди во правичен рок
Ниту еден од најкрупните случаи на СЈО, осум години од неговото формирање до денес, не се завршени, а сега велат, ќе застарат бидејќи се намалуваат и роковите за застареност кои се врзани со најголемата запретена казна. Па, што правевте досега осум години, зошто не се осудени, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во емисијата „Трилинг“, нагласувајќи дека за „крахот на правосудниот систем“ се виновни оние кои „работат таму и кои не работат според закон“ и оние кои „се подложни на влијание од политички или економски центри на моќ“.
Една од најчестите критики од Брисел и од судот во Стразбур, според Пендаровски, е што земјата најчесто не суди во правичен рок.
– Да ја видиме реалноста во очи. СЈО е направено септември 2015 година, до денеска осум години. Последните три години сите предмети на тогашното СЈО се префлија во редовните обвинителства. Осум години ние имаме прилично беден рекорд, запис на крајот на сите тие предмети. Колкумина од нив се осудени, клучните работи кои ги споменуваме, провизии кои се барани, не се докажани. Осум години се малку, па колку, да ги оставиме уште 28 години да судат, посочува Пендаровски.
Во однос на измените на Кривичниот законик и зошто токму сега се носат, Пендаровски вели дека не се работи за неказнивост, бидејќи, како што појасни, не се укинува тој член, туку се намалуваат казните, но и понатаму има казни за тие дела.
– Не станува збор за неказнивост. Ако зборуваме за клучниот став кој е модификуван во 353 „злоупотреба на службена положба“. Во 4 од 5 става досега имаше пропишано казни, а и понатаму пропишано казни. Неказнивост е ако се брише, тоа се декриминализира. Се вели: „По тој и тој член никој веќе нема да одговора, тој член нема да постои“. Значи наместо 10, една запретена казна е сега 5 години, наместо 5 сега е 4 години, значи не станува збор за неказнивост. Петтиот став кој е избришан бидејќи беше прилично широко поставен и досега имаме исклучително мал број докажани случаи, петтиот став досега бараше две работи да се докажат: прво дека си ја злоупотребил положбата функционер, политичар со тоа што си прибавил имотна корист за себе и со тоа си го оштетил буџетот или трета страна, појасни Пендаровски.






