Тихо Мирка си заспала во Почепските планини, во Почепските планини, таму долу во ливади.
На 6 јули 1946 година, во местото Долга Ливада на планината Почеп, во близината на Воден, Мирка Гинова формираламал партизански одред. Набрзо, во една акција на 400 грчки жандарми и војници, одредот бил опколен и почнала борба во која Мирка Гинова (која единствено била вооружена) убила двајца жандари. Кога останала без муниција, била заробена, заедно со шесттемина свои другари. Жандармите брутално се нафрлиле врз неа и, со распарчена облека и целата облеана во крв, ја носеле по улиците на Воден, но таа одела со исправена глава и цело време им се смешкала на луѓето кои се собрале да ја видат. Потоа, почнало ужасно мачење во кое Мирка Гинова била тепана со дрвени колци, кундаци и метална жица, под ноктите ѝ забивале клинци, а низ телото ѝ спроведувале струја. Таа била жива закопана до висина на вратот, додека жандармите пукале над нејзината глава. Потоа, Мирка Гинова и шесте нејзини другари биле спроведени во Ениџе-Вардар. На судењето кое се одржало во градското училиште на 25 јули 1946 година, воениот суд ја осудил на смрт со стрелање. Заедно со другите соборци, Мирка Гинова била стрелана на 27 јули
1946 година. Покрај неа, биле стрелани и: Ристо Стојанов (45), Томе Мијангов (55), Георги Проев (25), Петре Поп Димитров (35), Димитар Лимбов (40) и Горгиос Муцакис – Алеко. За време на судењето, таа ја покажала сета своја храброст. Иако свесна за последиците, пред судот во своја одбрана изјавила:
„Македонка сум и верувам во ГКП, бидејќи само таа партија ги претставува желбите на луѓето во Грција и гарантира за Македонците еднакви права со сите други. Се борев против Германците… и сега сум горда дека умирам бидејќи се борев против новите окупатори.“
Слична храброст, таа покажала и на самиот чин на стрелањето, кога не дозволила да ѝ ги врзат очите, а цело време ја пеела „Интернационалата”, викајќи „Ура за Комунистичката партија на Грција!“. Еден грчки војник, кој присуствувал на чинот на стрелањето, ги забележал последните мигови на Мирка Гинова. Во писмото испратено до нејзиниот татко, тој напишал:
„…Ви се поклонувам за ќерката што сте ја родиле. Ја пресретна смртта со насмевка на усните, смело, пеејќи и сите присутни се зачудивме. Во 5.30 ѝ се доближив и ја прашав дали сака нешто да им напишам на родителите. А таа ми рече: Ако милувате, пишете му го на татко ми следното: ‘Умирам за нешто во што верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна, за поарен живот на другите, а не за мојот‘. Беше чудесна, ниту пред смртта не покажа малодушност. А исто така и другите шестмина, но повеќе таа. Не ви ги пишувам овие зборови за да ја пофалам вашата ќерка, туку ја изложувам само вистината што ја видов. Ве поздравувам јас, еден војник кого должноста го натера да присуствува на овој жален чин и ја имав желбата да ви ги напишам последните зборови на незаборавната Ирина, на сите позната како Мирка..






