Македонија Новости Топ Вести

На 18 август Џафери ја закажа пленарната седница за уставни измени

По разгледувањето на предлогот во Комисијата, тој ќе оди на пленарна седница, на која дебатата трае до 10 работни дена. Доколку со двотретинско мнозинство се усвои потребата за донесување на уставни измени, Собранието усвојува заклучок и го праќа материјалот до Владата која во утврден рок изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што Собранието во истоветна процедура во смисла на рокови ќе расправа по нив, објаснуваат од Собранието

За 18 август во 11 часот е закажана пленарната седница на која пред пратениците ќе бидат амандманите за уставните измени.

Предлогот со насоките за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија, чиј предлагач е Владата, денеска е стигнат до претседателот на Собранието Талат Џафери, а тој веднаш го доставил до пратениците.

„Денес претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, го прими Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија, чиј предлагач е Владата на Република Северна Македонија. Претседателот Џафери веднаш го достави предлогот до пратениците во Собранието и со оваа постапка почнуваат да течат временските рокови предвидени со Уставот и Деловникот на Собранието“,се вели во соопштението од собраниската прес-служба.

Во образложението се наведува дека пред да се разгледа предлогот на пленарна седница, согласно прописите, тој ќе биде пред Комисијата за уставни прашања, чиј претседател е спикерот Џафери.

„Седница на Комисијата за уставни прашања е закажана за 25 јули во 10 часот. Согласно законските одредби, Комисијата треба да расправа по предлогот најмногу 10 работни дена. Со оглед на тоа што 2 август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седница за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши помеѓу 7 и 9 август“.се додава во соопштението.

По разгледувањето на предлогот во Комисијата, тој ќе оди на пленарна седница, на која дебатата трае до 10 работни дена.

Доколку со двотретинско мнозинство се усвои потребата за донесување на уставни измени, Собранието усвојува Заклучок и го праќа материјалот до Владата на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од Собранието.

Собранието со заклучокот утврдува рок во кој Владата како подносител изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што Собранието во истоветна процедура во смисла на рокови ќе расправа по нив.

Од собраниската прес-служба велат дека работата на Комисијата за уставни прашања и пленарната седница ќе бидат пренесувани во живо на Собранискиот ТВ-канал и граѓаните ќе имаат постојан увид во работата на Собранието.

Предлог-иницијативата за уставните измени со која Бугарите и други народи треба да се внесат во Преамбулата на Уставот, беше усвоена на вчерашната седница на Владата. Во Предлог-иницијативата се предлага бугарскиот и уште пет други народи, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот, да се додадат во Преамбулата од Уставот.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *