Македонија Новости Топ Вести

Шекеринска со предлог за уставните измени

Поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, предлага решение кое може да биде излез од ќор-сокакот околу уставните измени.

„Владејачките партии можат да излезат со конкретен предлог во кој ќе ја повикаат опозицијата да гласа за уставните измени, а претходно ќе понудат потпишување договор од сите парламентарни партии со кои тие ќе се обврзат да ја ревидираат уставната измена доколку Бугарија продолжи со блокирањето на процесот“, пишува Шекеринска во авторски текст за магазинот „Предизвици“ на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Таа вели дека не постои европски потег кој може да ја реши рубиковата коцка што сега е во наши раце. Според неа, поместувањето на геополитичките тектонски плочи ја подотвори вратата на наше идно членство во ЕУ, но дека тоа нема да трае долго – тие што ќе ја искористат (под)отворената врата, ќе бидат идните членки во следните 10 години.

„Останатите ќе останат во досегашното лимбо: до Европа, но не во неа! Украина, на крајот на годината веројатно ќе ги почне преговорите со ЕУ. Сакале или не, тоа ќе создаде две подгрупи во процесот: држави коишто преговараат и држави коишто чекаат. Очекувањата дека нема потреба за брзање (и онака процесот ќе трае), дека знаат оти повеќе заслужуваме – се погрешни, нереални и опасни. Колку пати сме чуле и кажале дека членството во ЕУ се ‘одработува’ дома? Колку пати сме коментирале дека вредноста на проширувањето не е само крајната цел, туку: процесот на домашни реформи, градење посилни институции и создавање подобра држава за граѓаните? Колку пати сме се ‘колнеле’ во копенхашките услови како рецепт за одговорна политика? Безброј пати. За жал, исто толку пати сме се пожалиле дека не успеавме да ги вградиме реформите и проширувањето во позитивна спирала во која тие меѓусебно ќе се хранат и ќе го трансформираат општеството преку: внатрешен консензус, силен реформски порив и ЕУ награди“, пишува Шекеринска.

Таа нагласува: „Резолуцијата за поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура од германскиот Бундестаг, најавите за сличен документ од Франција, изјавите на ЕУ функционерите дека Бугарија нема да може да го блокира понатаму процесот со други барања, па дури ни неодамнешната нервоза на бугарскиот претседател Радев – очигледно не се доволни за да го сменат ставот на опозицијата, ниту расположението на граѓаните. Според последните анкети, 56% од македонските граѓани се против внесување во Уставот и на бугарската етничка заедница заедно со другите. Дури и во услови на дополнителни гаранции, над 45% од анкетираните остануваат против, додека 36% во тој случај би дале поддршка“.

Шекеринска, која е и потпретседателка на Партијата на европските социјалисти, истакнува дека не постои нов пристап во ЕУ проширувањето, нова методологија или ревидирани правила кои ќе бидат „спасоносно решение“ во актуелната геополитичка конфронтација.

„Нема трик кој ќе нè спаси од стратешката грешка. Единственото решение е многу напорно и многу едноставно: Западен Балкан и Европската Унија да обезбедат повеќе искреност, поголема мобилизација и подобри резултати. Исполнетиот збор е најмоќното оружје“, вели таа.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *