Владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку недели одржуваат средби, дебати и трибини со граѓаните во градовите и селата со пораки дека токму тие се најдобрата опција за иднината, иако до изборното соочување во редовниот термин има уште цела година, што според аналитичарите значи дека партиите ги збиваат редовите и се подготвуваат за избори
Официјално следните парламентарни избори ќе бидат во својот редовен термин во летото 2024 година и власта предводена од СДСМ нема ни најмала намера да оди на предвремени избори и покрај сите настојувања на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но на терен работите наликуваат „изборно“. Двете политички партии веќе неколку седмици се активно присутни низ градовите и селата и нивни високи претставници одржуваат интензивни средби со граѓаните, трибини и дебати, СДСМ под соганот „Рамо до рамо“, а ВМРО-ДПМНЕ со мотото „Ова е Македонија за сите“. Главните пораки на СДСМ на тие средби се дека членството во ЕУ значи политичка стабилност, безбедност, сигурна иднина, но и севкупно унапредување на животниот стандард, какко и дека коридорите 8 и 10д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ освен што се од геостратешка важност, ќе донесат и раст од 2 отсто годишно на БДП. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, на средбите им порачуваат на граѓаните дека сиромаштијата расте, а власта е криминална и ги загрозува националните интереси, пазатоа мора веднаш да се оди на избори.