Измените на Кривичниот законик, но и новиот Закон за амнестија се надеж за сите затвореници дека ќе излезат побрзо од казнено-поправните институции. Меѓу нив е и ексобвинителката Катица Јанева која е осудена за злоупотреба на службена положба и овластување.
Според проценките за ефектите од евентуалното усвојување на Законот за амнестија и за измените на Кривичниот закон таа би требало и натаму да остане во затвор, додека повеќето од т ие што им покрена обвиненија ќе бидат амнестирани. Неофицијално, таа и нејзините адвокати барале начин и таа да излезе на слобода. Едно од размислувањата е таа да добие условен отпуст, но измените на Кривичниот законик и амнестијата не ја опфаќаат.
Јанева е осудена на 7 години за злоупотреба на службената положба и овластување. Пресудата е правосилна.
Поранешната прва обвинителка во Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, на 15 јули 2019 година поднесе оставка од својата позицијата во СЈО пред објавување на аферата „Рекет“, а беше приведена на 21 август, по што и беше одреден притвор. На 14 септември Собранието ја разреши Јанева од функцијата во СЈО.






