Во Македонија моментално ги реализираме најкрупните капитални проекти во изградба на патната и железничката инфраструктура на главните транспортни коридори 8 и 10. Имаме визија преку развој на инфраструктурата да придонесеме за регионален развој, за економска стабилизација и брз и сигурен транспорт кон Централна и Југоисточна Европа, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел дискусијата на Економскиот форум во Виена.
Презентирајќи ги капиталните проекти, тој потенцираше дека во државава се работи на изградба на нови автопати на Коридор 8, на граничните премини како и на модернизација на автопатскиот Коридор 10. Николоски исто така истакна дека предизвик е развојот на железничката мрежа преку изградба на брзата пруга на Коридор 10, која ќе има силно влијание врз меѓународниот транспорт. Зборуваше и за железничкото поврзување со Бугарија на Коридор 8, на кој со почнатите активности се надева дека до 2031 година ќе имаме редовна линија од Скопје преку Софија до Бургас. Ги претстави и плановите за железничко поврзување со Албанија.
Николоски кажа дека актуелната Влада по изборот во јуни минатата година усвои мошне амбициозна инвестициска агенда и започна со развивање на коридорите 8 и 10, користејќи ја поволната географска локација иако нема излез на море. – Имаме среќа што еден од европските коридори минува источно од нашиот главен град Скопје, Коридор 10, најдолгиот пан-европски коридор кој започнува во Атина, во пристаништето Переа и завршува во Финска, значи, целиот северо-западен европски коридор, а вториот е коридор 8, кој ги поврзува Јонското и Јадранското Море со Црното Море, тоа е источно-западниот коридор на Југоисточна Европа. Ова е огромна можност за нас која сакаме да ја искористиме и започнавме мошне амбициозно со развивањето на овие коридори, рече Николоски.
Тој укажа дека состојбата на автопатскиот дел од Коридорот 10 од границата со Србија до границата со Грција е добра за разлика од Коридорот 8 каде рече дека не е така и е почнато негово развивање и оти покрај изградените се градат автопати од границата со Албанија до границата со Бугарија. Се работи и на реконструкција и надградба на граничните премини за да се намали времето на чекање на граничните премини.
– Вкупната инвестиција во автопати и експресни патишта на Коридор 8 ќе биде околу 1,5 милијарди евра, што за нашата економија, е навистина нешто огромно и нешто што е значајно. Го развиваме и Коридорот 10д – коридорот кој го крати растојанието меѓу Атина и Скопје. Ако во моментов се патува осум до осум и пол часа, со ова ќе се скрати на пет до пет и пол часа. Од наша страна го градиме најголемиот автопат што е некогаш изграден во државата, околу 55 километри, а од другата страна градат и Грците и тоа е делот кој недостига од сложувалката, па се надевам дека кога од Виена ќе патувате кон Атина ќе скратите барем три часа со она што го градиме сега, рече Николоски.
Железницата, посочи, за нас е огромен предизвик, но истовремено и огромна шанса.
– Имаме визија за која мошне гласно зборував кога бевме во опозиција. Се сеќавам дека кога во 2022 Пријатели на Европа ме избраа за највијателни личности под 40 години, а сега за жал над 40, зборував за ова и тоа беше сосема нова приказна за најголем дел од европските метрополи, вклучително и Виена. Со развивање на железничкиот Коридор 10, брзата железница, може да го скратиме времето за снабдување за Европа од 21 до 24 дена, наведе Николоски.






