Делегација на Уставниот суд на Република Турција, предводена од претседателот Кадир Озкаја, денеска ќе оствари официјална посета на Република Северна Македонија и билатерална средба со претседателот Дарко Костадиновски и судиите на Уставниот суд на државава.
Како што информираат од Уставниот суд, во рамки на посетата, ќе се одржи свечено отворање на салата за одржување на седници, каде што ќе биде презентирана новата опрема за дигитализација на Уставниот суд, обезбедена со поддршка на Турската агенција за координација и соработка (ТИКА).
– Целта на ова технолошко опремување е унапредување на дигитализацијата и обезбедување поефикасно и потранспарентно работење на Судот. Во рамки на средбата е предвидено да се одржи конференција со следните теми: Предлог-Статутот што ќе биде предмет на разгледување и усвојување за време на Третиот годишен состанок на Форумот на уставните судови од Балканот што ќе се одржи од 13 до 16 ноември 2025 година; споделување на праксата и искуствата на двата уставни суда на темите уставно-судска контрола преку механизмот на уставна жалба, се наведува во соопштението.
Се додава дека посетата ќе опфати и работен ручек со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија.
– Покрај официјалната агенда, делегацијата ќе учествува и во социјална програма, што вклучува посета на Меморијалниот центар „Коџаџик“ и спомен-куќата на Али Риза, таткото на Мустафа Кемал Ататурк, како и на културно-историски локалитети: Старата скопска чаршија, Шарената џамија во Тетово, џамијата Али Паша во Охрид и античкиот град Хераклеа Линкестис во Битола, потенцираат од Уставниот суд.






