Трговците доставија предлози за намалување на цените на групи производи
Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, денеска до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат ги доставила предлозите за обезбедување ефективни мерки за намалување на цените на групи производи.
Како што информираат од Комората, предлозите се подготвени по одржаниот состанок во петокот во Министерството за економија и труд, заедно со министерот, заменик-министерот, претставници од релевантни институции, како и членови на Комората.
Членот на Комората, Даница Блажевска од Рептил маркети во петокот по средбата во Министерството изјави дека претставниците на трговците и дистрибутерите побарале да има реално намалување на цените на 100 до 200 производи зашто со првичната формула се опфатени над 1.000 производи, заради што, како што рече, не можат да постигнат ефект да се спуштат што повеќе цени и да бидат што подостапни за граѓаните. Порача оти сметаат дека е подобро заедно со производителите и добавувачите да направат реално намалување на цените на 100 до 200 производи кои се најнеопходни за секојдневното живеење кое ќе биде видливо за граѓаните.
– Бараме да се намали големиот број на производи кои се опфатени во мерката и да се сведе на 100 до 200 кои се вистински потребни, бидејќи сега се опфатени над 1.000 производи. Тоа создава проблем во секојдневното работење за контрола на цени за да добиеме подобри цени од произведувачот и добавувачот. Тоа е многу напорно и не може да се постигне доволна контрола, бидејќи се случуваат злоупотреби со картончињата на кои се напишани цените, ги вадат, паѓаат. Тоа, пак, ни создава голем ризик фактор дека може да дојде инспекција и да ни најде дека е неодбележана цената, рече Блажевска по средбата во Министерството за економија и труд.






