Новости Стил Топ Вести

Жељко Бебек : „Бијело дугме“, e мртов организам од 1984 година.

Во етерот на Special Happy Show гостин на водителката Ника Антолос беше легендарниот музичар на чии песни пораснаа генерации – познатиот рокер Жељко Бебек. Искрен, отворен и полн со интересни анегдоти од животот, тој ја воодушеви водителката и целата редакција на највеселото радио. Музичарот зборуваше за своите почетоци, распадот на бендовите, заминувањето од „Бијело дугме“, но откри и дека минатата година тајно се преговарало за можноста за прослава на 50 години од прочуениот состав. Притоа, го истакна својот став:

„Првото прашање беше – како јас, поетска душа, не смеам да лажам. Не можам да славам 50 години нешто што не постои 50 години. Тоа се 50 години од првиот сингл. Јас таму бев 10 години, а 40 години правам нешто друго во животот.“

Жељко ѝ раскажуваше на Ника за своите музички почетоци. Го спомна „Кодекс“, првиот бенд во кој членувал, за кој рече дека бил сериозен и професионален.

„Бендот со кој настапувавме, не само на локални забави, туку имавме можност и да патуваме. Бевме во Словачка, Чешка, Полска, а последната голема можност беше во Италија, каде останавме една година. Таму стекнавме искуства што јас, а и сите заедно, ги применивме подоцна во создавањето на најголемото нешто што сум го работел.“

Кога Ника го праша кое е тоа „најголемо нешто“, тој одговори:

„Тоа е Бијело дугме, без никаква дилема. Ние не само што си бевме сами на себе почеток, туку бевме почеток на рок револуцијата на овие простори. Ние го свиревме рокенролот на просторите на поранешната земја, па до денес останавме запаметени како одличен балкански рокенрол бенд.“

Бебек мина една деценија во легендарниот состав:

„Тоа беше време кога направивме сè што можеше да се направи сериозно. Поставивме стандарди и одредивме критериуми. По нас се појавија многу групи, кои, не сакам да речам дека ние им бевме пример, но во секој случај поставивме висока летвичка на скалата на успехот.“

Бебек продолжи:

„Мојата задача беше, откако заминав од Бијело дугме, да ги применам тие стандарди во својата кариера. Тоа ме направи она што сум денес – човек со 50 години успех, 50 години кариера. Секое десетлетие беше нова можност да се докажам, да покажам дали сум отпеал сè што имав или уште имам нешто. Така, од десетлетие во десетлетие, минатата година го прославив тоа во Загрепската арена.“

На прашањето како се разликува Жељко тогаш од Жељко сега, тој одговори дека не чувствува голема разлика – сè му изгледа нормално, како пат што треба да се мине, со многу предизвици:

„Важно е да ги препознаете предизвиците, било да избегнете пад, било да се искачите на врвот.“

За тоа дали е важно да се ризикува во оваа професија, тој рече:

„Во секоја работа важи правилото – без ризик нема успех. Мораш да се истуркаш и да видиш. Признавам, кариерата ја должам на талентот, работата, но и на среќата. Посебно сум благодарен на публиката која ме следеше сите овие години.“

На забелешката на Ника дека нејзината мајка и пријателките се големи обожавателки на Бебек, и дека мајка ѝ се воодушевува од неговата енергија на сцената и денес, тој одговори:

„Целиот живот го минувам на тркала – во автомобил, воз или авион. Мојот успех секогаш го замислував преку мала жртва. Затоа патувам секогаш, насекаде, каде и да ме повикаат.“

Во однос на распадот на Бијело дугме, тој изјави:

„Кога заминав од бендот, сметам дека Бијело дугме суштински се промени. Во 2005 година направивме обид за реунион, но тоа не беше тоа. Минатата година добив интересна, но нереална понуда за прослава на 50 години од бендот. Не можам да славам нешто што суштински не постои 50 години. Тоа е историја за мене од 1984 година.“

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *