Најдобра оценка ќе добие Црна Гора, еквивалент на А. Албанија добива А-, Молдавија Б+,
ЕУ денес ќе ги објави своите годишни извештаи за напредокот на проширувањето – во суштина оценувајќи ја секоја кандидатка за членка за нејзината домашна задача за реформи. Според она што го дознава „Политико“, најдобра оценка ќе добие Црна Гора, еквивалент на А, при што нејзиниот извештај ќе биде „исклучително позитивен“. Албанија добива А-, Молдавија Б+, Украина солидна Б, а Македонија – незадоволително Ц.
Според „Политико“, Македонија е „заглавена“ и ќе добие Ц, бидејќи и покрај промената на името во 2019 година за да се реши спорот со Грција, земјата останува попречена од историската и јазичната расправија со Бугарија. Иако се очекува во новиот извештај да се забележи одреден економски напредок и посилно усогласување на надворешната политика со ЕУ, генерално бројчаникот не се помести многу од минатата година.
Според она што се дознава однапред, во извештајот за Македонија се наведува дека сè уште не ги усвоила неопходните уставни измени со кои во Уставот би се вклучиле заедниците што не се мнозинство, меѓу кои и Бугарите, иако тоа претставува преземена обврска на земјата.
Во документот се потсетува исто така дека сите билатерални договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, мора да се спроведуваат со искрена волја од сите страни.
Комисијата наведува дека властите продолжиле да работат на реформските патокази во областите на владеење на правото, јавната администрација и демократските институции, како и на акциски план за заштита на малцинствата. Сепак, земјата треба значително да ги засили напорите во делот на зајакнување на независноста на судството и борбата против корупцијата, бидејќи во областа на правдата е забележан само „ограничен напредок“.
Како позитивен пример се наведува тоа што Северна Македонија целосно ги усогласила своите надворешни и одбранбени политики со оние на Европската унија, како и приклучувањето кон Конвенцијата за заеднички транзит, која овозможува побрз проток на стоки преку границите.
ЕК го поздравува активирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, но забележува дека земјата бележи помал напредок во делот на медиумскиот плурализам, слободата на медиумите и изразувањето. Во извештајот се потсетува дека Северна Македонија е меѓу земјите за кои Европската комисија одобри дополнителни средства во рамките на Планот за раст на Западен Балкан – како признание за напредокот во спроведувањето на реформите.






