– Според годишните мониторинг извештаи за 2023 година на Коалицијата „Сите за правично судење“, во најголем дел од индикаторите се забележува стагнирање од минатата година и дека нема некаков напредок, во правосудството. Извршниот дирекот на Коалицијата, Дарко Авромовски на денешната годишна Конференција за презентирање на извештајот истакна дека за жал оваа година е една од полошите години за македонското правосудство.
-Меѓутоа годината ја одбележаа серија инциденти кои во суштина беа поттикнати и изворно доаѓаа од Судскиот совет и Совет на Јавни обвинители кои треба да бидат оној гарант и заштитник на судската независност и чинителите коишто треба да придонесат за напредување на судството во целина во нашата држава.
Во однос на најклучните моменти од извештајот кои се бележат во изминатата година рече дека за Судскиот совет и Советот на Јавни обвинители замерките се исти како што биле минатата година, односно, отсуство на образлагање на своите одлуки и отсуство на каква било проактивност за актуелните состојби бидејќи тие работат исклучиво само избирање и напредување на судии и јавни обвинители.
-И покрај тоа што имаше многу наводи за корупција изминатава година, што потекнува и од самите членови на Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители, имаше истражување за перцепциите на судиите во поглед на корупцијата во правосудството, немаше ниту една седница каде кое било од овие совети макар да ги дискутира ваквите наоди за да им оддаде признание дека барем ги перцепира и ги доживува како сериозни, рече Аврамовски.





