Независен академски синдикат НАкС: Милиони евра се дале за стипендии за студии во странство, а 67 отсто не се вратиле
Голем број од студентите кои добиле скапа стипендија од државниот буџет за студии на еден од првите сто рангирани универзитети на Шангајската листа не се вратиле во земјава. МОН нема анализа за нивната кариера по дипломирањето, ниту, пак, тие што останале во странство ја вратиле стипендијата во десеткратен износ како што е пропишано во конкурсот.
Овие стипендии, кои за додипломски студии се во годишен износ од 40.000 евра, а за магистерски 36.000 евра, се доделуваат без прецизно и соодветно дефинирани критериуми за рангирање и избор на студентите и без анализа кои области за студирање се од интерес на нашата земја или му се потребни на стопанството. Притоа, министерот за образование и наука има дискрециско право во одлучувањето.
Ова го заклучува анализата на Независниот академски синдикат (НАкС) насловена „Исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа“.
Кариерите на корисниците на стипендиите за студии во странство НАкС самиот ги откривал следејќи ги профилите на платформи како Линкдин, при што е утврдено дека од 61 кои добиле стипендија за прв циклус, во земјава се вратиле само 11, во странство останале 41, а за девет немаат податоци. Ова се однесува на периодот од академската 2013/2014 до 2016/2017, но за последните шест академски години НАкС не добил податоци од МОН.






