Македонија Новости Топ Вести

Арсовска: Обврска на ЕСМ е да го санира долниот дел од мостот „Беласица“

Мостот „Беласица“ е безбеден и сигурен, тоа го покажало направеното вештачење и затоа во сообраќај се пуштени две ленти. За да се пушти во целост  треба да се изврши санација на долниот дел, на подлогата каде што ќе се монтираат цевките, што е обврска на ЕСМ, тврди градоначалничката Данела Арсовска.

Таа не одговори прецизно дали Град Скопје веќе му дал дозвола на ЕСМ за монтирање на цевките, но посочи дека за да се изврши монтирањето мора прво да се санира подлогата. Како што рече Арсовска, таа очекува тоа да се направи пред грејната сезона, дека ЕСМ презело таква обврска и дека треба тоа што го презеле како обврска да го реализираат.
На прашањето зошто градски инспектори денеска ги бркале работниците кои се обидувале да започнат со монтирање на цевководот на мостот, градоначалничката рече дека во државава постојат закони што мора да се почитуваат.

Постојат закони, постојат правила, акти коишто мора секој граѓанин да ги почитува, а тие правила и закони важат и за институциите. Знаете каква беше ситуацијата на мостот, некои минорни оштетувања, коишто сепак постојат иако не влијаат на безбедноста и на стабилноста на мостот, но надворешноста, изгледот и можноста да се монтираат нов сет на цевки што би биле во функција на топловодната мрежа , мора да се санира, првенствено од штетата што е предизвикана од горење на изолацијата, за да може да настане монтажата. Денеска камионите таму се спречени да работат оти не поседуваат соосветна документација. Не можете без да имате соодветна дозвола за движење со тешки товарни возила да циркулирате низ делови на градот каде ви е потребно да имате дозвола – рече Арсовска и повтори дека кога веќе сакале да монтираат подобро најпрво да започнеле со санацијата.

Градоначалничката посочи дека Град Скопје нема никакво влијание, ниту е надлежен да им наложи во кој рок да ги монтираат работите кои се во интерес на тоа тие да ја отпочнат грејната сезона навреме.

Ние не можеме да правиме нешто што не е наша обврска и надлежност. Дури и ние да треба да го санираме, ќе треба ново буџетирање, одлука на Совет и ќе трае долго и од тие причини ЕСМ ја презеде обврската за санација – децидна е Арсовска.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *