Македонија Новости Топ Вести

Иванов домаќин на Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023


 Бројни меѓународни претставници меѓу кои пет поранешни претседатели, двајца поранешни премиери, поранешни министри како и повеќе актуелни членови на парламенти ќе учествуваат на Форумот за културна дипломатија-Скопје 2023,  што од 4 до 6 септември ќе се одржи во Скопје, а чиј домаќин е поранешниот претседател Ѓорге Иванов. 

Како што соопштија од Кабинетот на Иванов, главниот фокус на форумот што првпат се организира во земјава е „Промовирање на демократијата, единството и мирот преку културна дипломатија во новата ера на конфликти и насилство“. Предвидени се панел дискусиии и дебати, средби, разговори и посети на државни институции при што домашните и странски претставници, дипломати, уметници, професори, личности од бизнис заедницата и од младински организации ќе имаат можност да изнесат свои ставови и да разменат идеи и мислења на повеќе теми.

Официјално своето присуство на настанот го потврдија поранешните претседатели на Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Србија, Борис Тадиќ, на Бугарија, Петар Стојанов, на Албанија, Бамир Топи, поранешниот претседавач на БиХ, Младен Иваниќ, како и поранешните премиери на Молдавија, Наталија Гаврилита и на Либан, Хасан Диаб.

Меѓу истакнатите странски гости ќе бидат и Армин Лашет, кандидат за германски канцелар и премиер на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Ана Линде, поранешна министерка за надворешни работи на Шведска, Елмар Брок претседавач со Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент 2012-2017, како и актуелни членови на парламентите на Шкотска, Хрватска, Романија, Ирска и на Европскиот парламент.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *