Шаќири: Не чувствувам одговорност што шестооделенците ќе добијат книги на крај на септември
Третооделенците за неколку дена од почетокот на учебната година, треба да ги добијат учебниците кои се во печатење, а шестооделенците ќе почекаат до крајот на септември, но министерот за образование Јетон Шаќири не чувствува одговорност за тоа.
– Јас како министер целата постапка ја имав завршено на крајот на јули. Не учествувам како министер, или како директор на училиште, во ниту една постапка во Националната комисија, во педагошката служба, во мислењата на рецензентите, во мислењата на другите. Не можам да имам одговорност во постапките кои не зависат од министерот – рече Шаќири на прес-конференција.
Појасни дека учебниците за трето одделение се одобрени, а во тек е постапка за печатење и доставување на учебниците во трето одделение.
– Истото тоа ќе се случи и за учебниците во шесто одделение зошто се во напредна фаза на одобрување од Националната комисија, а после тоа имаме жалбена постапка. Затоа јас кажувам дека до крајот на септември ќе бидат доставени до сите ученици. Третооделенците ќе ги добијат учебниците, денеска, утре, следните денови. Тие се завршени, затоа што немаме постапки за одобрување, тие се во постапка на печатење – вели Шаќири.
Во однос на предметите кои се спојуваат, не учебниците, во шесто одделение и од старата програма и од претходните учебни години, предметот природни науки беше спојуван и се учеше како природни науки.






