Македонија Новости Топ Вести

Не помина предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за јавна расправа за данокот на солидарност

Опозицијата предлагаше таа јавна расправа да се одржи на 28 јули. Комисијата за европски прашања го одби нејзиното барање


Од

Немаше расположение денеска во Собранието за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се одржи јавна раправа за данокот на солидарност. Таа идеја беше отфрлена уште на самиот почеток на седницата на Комисијата за европски прашања која денеска ја започна расправата за трите закони од даночната реформа.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, побара дневниот ред да се дополни со уште една точка – Предлог одлука за одржување јавна расправа по Предлог на законот за данокот на солидарност, која би се одржала на 28 јули. Членовите на комисијата го отфлија ова барање.

Според Мицевски, одржувањето на јавната расправа в петок можело да се организира бидејќи имало доволно време и стручните служби на Собранието да ги поканат сите заинтересирани физички и правни лица на дискусија. Мицевски рече дека тоа го барал поради бројните и бурни реакции на јавноста на овој предлог-закон. Стопанската комора, како и Сојузот на стопански комори се најгласните меѓу оние што се против ваквиот еднократен данок, тврдејќи дека со тоа биле казнувани успешните.

Кога министерот за финансии, Фатмир Бесими, излезе на говорницата да го образложи законското решение, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дофрлуваше од место барајќи од потпретседателката на Комисијата за европски прашања, Арта Биљали-Зендели, да го стави на гласање нивното барање за јавна расправа. Мицевски побара од Биљали-Зендели нивната иницијатива да ја стави на гласање и да се произнесат пратениците.

Мицевски побара точката за данокот на солидарност комплетно да се трген од дневниот ред. Тоа барање, исто така, беше одбиено од членовите на Комисијата.

За данокот на солидарност се доставени амандмани и комисијата е на пауза додека се архивираат до собраниските служби.

Данокот на солидарност е еднократна, вонредна и привремена јавна давачка, при што обврзник за плаќање на овој вид на данок е компанијата која во 2022 година остварила вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *