Стево Пендаровски не е оптимист дека ќе се случат уставните промени, односно дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го смени ставот и ќе гласа за нив. Уверен е дека во противењето, поточно во кочењето на евроинтегративниот процес на земјата, партијата гледа шанса да дојде на власт. Странските дипломати, вели претседателот, им укажуваат на опозиционерите за сите последици од нивниот став, но не им вршат притисок.
– Јас сум еден од ретките, да не речам единствен од оваа структура што сега е на власт кој вели според изјавите што доаѓаат од опозицијата во овој момент е јасно дека нема две третини. Јас не велам дека не се разговара со пратеници, но од она што го гледам од средствата за јавно информирање, не можам да видам дека таму се менува расположението макар и кај еден пратеник за да можам да тврдам дека ќе има уставни измени. Велам треба да има, императив е да има, затоа што ако нема, ние практично остануваме во една посебна подгрупа со Босна и со Косово. И ако до 1 декември не го смениме Уставот, можно е Албанија и Црна Гора да тргнат забрзано кон Европа, а ние сами себе да се блокираме, потенцира Пендаровски.






