Зелена агенда за зелени долари – големата измама на „АГРА“
Пишува: Никола Петров,
Алијансата за суверенитет на храната во Африка (АФСА) овој август на прес-конференција објави брифинг документ кој открива како АГРА на фондацијата Гејтс (порано Алијанса за зелена револуција во Африка) ја користи својата огромна моќ за да изврши несоодветно влијание врз локалните, националните и континенталните политики во Африка.
Брифинг документот „Симнување на превезот: влијанието на АГРА врз африканските земјоделски политики “, открива како АГРА користи стратешка финансиска поддршка и инсталирање на консултанти во владините институции за да ги зацврсти индустриските модели кои се штетни за земјоделците.
„Зелената револуција е фатаморгана – таа е колонизација, маскирана промоција на капитализмот од глобалниот Север за да продолжи да ги контролира нашите системи за храна, животната средина, благосостојбата и средствата за живот“, – изјави Сара Халоба од Фондацијата за управување со Замбија.
И покрај документираните неуспеси на сопствените иницијативи, АГРА продолжува да ги поткопува демократските процеси обидувајќи се да ги кооптира и да ги намали напорите на земјоделците кои се залагаат за агроекологија.
Неодамнешниот извештај на Африканскиот центар за биодиверзитет (ACB) ја истакна Замбија како одличен пример за катастрофалните исходи од иницијативите на Зелената револуција на АГРА. Прехранбениот систем на Замбија е на работ на колапс – 6 милиони домаќинства се во опасност од глад откако производството на пченка во Замбија падна за 50% по катастрофалната суша. Во извештајот се наведува употребата на синтетички ѓубрива и монокултурите како главни двигатели на закиселувањето на почвата, неплодноста на почвата и загубата на биолошката разновидност, кои ја зголемуваат ранливоста на климатски шокови и напади од штетници, слика која што е видлива низ целиот континент каде што до 80% од обработуваното земјиште во Африка е веќе деградирано.
Мери Сакала, земјоделка од Замбија и претседавач на Руралното женско собрание, го сподели своето искуство од прва рака за разорните влијанија на овие политики. „Порано одгледувавме различни култури. Но, сега владите и агробизнисот ги турнаа земјоделците во монокултура која зависи од инпутите. Нивните програми не направија сите ранливи“.
Владите подложни на парите од фондацијата на Гејтс, воведоа закони за употреба на индустриски семиња кои природно не се размножуваат и кои зависат од употреба на ѓубрива и хемија. А сите кои користат свои природни и здрави семиња, ризикуваат да завршат во затвор.
Наместо да го смени курсот и да ги поддржи своите земјоделци, владата на Замбија го следи водството на АГРА финансирана од Гејтс со проширување на својата посветеност на големо хемиско интензивно земјоделство.
Покрај овие наоди, африканските верски водачи го објавија своето писмо до Фондацијата Гејтс, барајќи репарации за големата штета предизвикана од агресивниот притисок на АГРА за индустријализирано земјоделство.
„АГРА и Фондацијата Гејтс, како и компаниите за семиња и агрохемикалии – тие се лажни пророци на безбедноста на храната. Тие тврдат дека се месија за гладните, но не успееја да не избават од гладот. Нивниот индустриски пристап ги деградира почвите, го уништува биодиверзитетот и го става корпоративниот профит над луѓето. Тоа е неморално. Гејтс и големиот агробизнис глумат Бог“, – се вели во писмото од Институтот за животна средина на Јужноафриканските верски заедници (SAFCEI).
Во писмото се повикува Фондацијата Гејтс и другите финансиери веднаш да престанат со финансирањето на АГРА и да обезбедат репарации со средства за агроеколошки иницијативи и напори предводени од заедницата, како: зголемување на синџирот на снабдување со органски инпути, партиципативно истражување предводено од земјоделците и банка на семиња во заедницата.
„Време е меѓународните финансиери да преминат кон агроекологија преку почитување и поддршка на локално дефинираните холистички пристапи во Африка“.
Алијансата за суверенитет на храната во Африка повика на итен отпор против земјоделскиот модел управуван од корпоративниот сектор кој дава приоритет на профитот пред луѓето и планетата. АФСА ги повика сите засегнати страни да се погрижат политичките одлуки да ги одразуваат потребите на земјоделците во Африка, а не интересите на мултинационалните корпорации. Иднината на африканското земјоделство мора да биде водена од оние што ја обработуваат земјата. Сега е време да дејствуваме – нашата иднина зависи од тоа.






