Сите десет гранични премини во држата од денес на пладне се блокирани за било каков товарен сообраќај, освен за превоз на лекови и други материјали наменети за болниците, потоа жива стока, експлозив и муниција, откако македонските транспортери го активираа протестот кој е предупредување за најавениот електронски систем за влез и излез во Европската унија.
Протестот има регионален карактер, бидејќи во исто време беа блокирани и граничните премини во Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора. Превозниците од земјите од Западен Балкан почнаа да го блокираат патниот транспорт на товарните премини поради несоодветната реакција на Европската комисија и земјите од Шенген зоната во врска со третманот на професионалните возачи и ограничувањето на нивниот престој во Шенген зоната за време на секојдневните работни активности.
Блокадите имаат поддршка и од Владата, која се обидува да најде решение за надминување на проблемот, кој не е нов, но сега со новиот ЕЕС систем за електронска евиденција за престој во земјите на ЕУ, добива нова димензија.
Како што изјави Билјана Муратовска од здружението на транспортерите „Макамтранс“, тешките товарни возила ќе направат блокада на излез од државата, а вечер во 24 часот ќе има блокада за влез во државата.
„Ќе се пропуштаат само патничките возила, автобусите и доколку се појави превоз на лекови и други материјали што се за болниците, жива стока, експлозив и муниција. Сѐ друго ќе чека заедно со нас толку колку што ќе траат блокадите“, рече Муратовска на граничниот премин Блаце.
Таа се надева дека од Европската унија ќе имаат разбирање, затоа што не се работи само за македонските превозници, туку за четири држави од Западен Балкан со кои што покажуваат какко може да се прекине синџирот на снабдување. Таа вели дека поддршка добиле и од турските превозници со тоа што нема да одат преку алтернативни патишта, туку ќе застанат на границите и ќе чекаат до тогаш додека не завршат протестите.
Таа појасни дека превозниците протестираат како предупредување поради тоа што од 10 април годинава ќе започне електронско евидентирање на времето за престој во Шенген зоната, односно возачите како и сите други граѓани ќе може да престојуваат најмногу 90 дена во Шенген зоната во рок од 180 дена, или три месеци во рамките на шест месеци.
„Се протестира затоа што ова правило кога започна да важи пред 17 години се однесуваше само на пет-шест држави од Шенген зоната. Со текот на времето се зголемуваше бројот на држави кои што влегуваа во Шенген зоната. Во минатата година веќе има 29 држави, односно за секое излегување од нашите држави влегуваме во Шенген просторот; и второ, професијата професионален возач не е турист, не е мигрант, туку е вработен во сопствената држава, возилото е регистрирано во сопствената држава, и едноставно може да кажеме дека ЕУ на овој начин сака да нѐ запре да работиме“, вели Муратовска.






