Расправа за амандманите на ребалансот на Буџетот: поднесени 200 амандмани, од кои 160 од опозициската СДСМ
Собраниската комисија за финансирање и буџет вчера го продолжи разгледувањето на амандманите на Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година.
Неколку амандмани предложени од опозициските пратеници беа анализирани, но не добија согласност. Пратеникот Сали Мурати од Европскиот фронт, побара да се одвојат 11,760.000 денари за нови вработувања на турската заедница кај Народниот правобранител, како и 28,560.000 денари за зголемување на застапеноста на припадниците на заедниците во клучни државни институции и 13 милиони денари за купување на противпожарна кола во општина Дебар.
Поддршка не добија ниту амандманите од пратениците од СДСМ за обезбедување средства за поддршка на граѓанските здруженија кои работат со заедниците, како и за субвенционирање на батерии за фотоволтаици на покриви на домаќинствата.
Во утринската дебата беше одбиен амандманот од пратениците од СДСМ за доделување средства од буџетот за повредените во пожарот во Кочани, за кој заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски оцени дека е за политички поени. Јанкуловски објасни дека не го прифаќа затоа што има системски решенија и фондови преку кои Владата постојано помага.
И пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, потенцираше дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува координирана акција за помош и има јасен план за долгорочна поддршка на повредените и семејствата на загинатите. Стојаноска апелираше на воздржаност и да се остави на актуелната власт да ги преземе сите надлежности: “Како пратеници треба да внимаваме да не повредиме уште некоја душа, да не споменуваме работи и имиња кои не се за споменување и да оставиме на сегашната актуелна власт да ги преземе сите надлежности и механизми. Времето е премногу скоро после трагедијата за да се расправаме ние тука кој повеќе се грижи за семејствата. Немојте да не ја запазуваме суштината. Голема е пораката и значењето да бидеме вистински пријатели на Кочани и да помогнеме а не да одмогнеме”, рече Стојановска.
За ребалансот на Буџетот се поднесени 200 амандмани, од кои 160 од опозициската СДСМ.
Вкупните приходи со ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, околу еден процент повеќе во однос на првичните проекции. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП, додека капиталните расходи се планирани на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година според владините проекции ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент.
Амандманската дебата за ребалансот на Буџетот ќе продолжи денес во 11:30 часот.






