Kолумни Македонија Новости Став Топ Вести

Политикантски муабети

Кумановци велат: „Бош муабет“ или „муабет за на чешма“. Отприлика така изгледаше интервјуто на Мицкоски на една национална телевизија. Со должна почит кон водителот на емисијата, одговорите на неговите прашања беа токму како „муабет за на чешма“. Токму на нивото на кое е политичката наобразба на Мицкоски.

Како и да е, по безброј пати најавувани предвремени избори дојдовме до редовните парламентарни избори за некаде шест месеци. Еднаш реков, одамна беше тоа, пред повеќе од една година дека Ковачески како најнеспосбен премиер во историјата на Македонија нема да падне, дека ќе го врзат за дрво и ќе стои до крајот на овој мандат. Ете тоа се оствари. Но, тоа што ме загрижува е можноста тој да остане на чело на македонската влада и по изборите, односно да остане врзан за дрвото и да стои таму каде што е. Во оваа страшна можност, да биде вистина, ме убеди Мицкоски со неговите муабети на селска чешма. Впрочем, Мицкоски никако да даде точен одговор дали себеси се гледа како иден премиер. Тоа не одговарање не се должи на неговата заборавеност, туку токму на неговата свесност дека НЕМА ДА БИДЕ ПРЕМИЕР. И нему му е кажано дека тоа нема да биде. Сепак, заради продолжено замајување на клиентелистите во нашата партија и на заблуденото членство зборува за бркањето на бројката до мнозинство од 61 пратеник. Тоа пак е тешко – невозможно изводливо во овие политички констелации како на внатрешен план, а тоа уште повеќе во меѓународен аспект. Но треба да се има изговор по изборите, а тоа е првиот од повеќето изговори, дека никогаш не рекол дека ќе биде премиер. Особено е интересен и симптоматичен оној миг на „доколку“ ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите. Тој сака да ни каже дека и победата на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ над оваа никакво и „утепано со ловџиска пушка“ СДС е под знак прашање.

Вториот изговор е неможноста да се дојде до 61 пратеник. При тоа, оправдувањето ќе биде многу едноставно, дека народот е виновен што не му дал доверба за 61 пратеник на Мицкоски и ете сега неможе да формира влада. Многу е симптоматично и повикувањето и правењето паралела со изборите 2020 година и прашањето за пандемијата. Мора да кажам дека уште 2019 година во октомври му напоменав на Мицкоски дека ќе се оди на избори и дека треба да се инсистира од наша страна (страна на ВМРО-ДПМНЕ) на брзи избори, најдоцна до средината на Јануари 2020 година. Но, Мицкоски тогаш се одлучи за Април, а потоа во соработка со Заев ја продолжи агонијата до Јули.

Третиот изговор кој може да го очекуваме би било немањето техничка влада. Зошто мислам дека ова е изговор, иако и ние како внатрепартиска фракција токму истото го размислувавме и дури мислам дека го напишавме во една од колумните. Тоа што Мицкоски ги прифаќа нашите идеи и размисли претставува сатисфакција за фракцијата која очигледно е пред времето во политичката мисла. За жал на Мицкоски му треба време, едно два семестра за да разбере за што зборуваме (ме потсетува во овој негов успорен политички мисловен процес на Павле-тутурутка). Сатисфакција за нас е тоа што очигледно редовно се читаат нашите – фракциските ставови изразени преку колумни и соопштенија на нашата ФБ страна и што во пракса покажува дека сме во право, колку и тоа да не сака јавно да го признае Мицкоски и неговото раководство. Сепак, кога ги слушаме нашите термини во нивните зборувања и задоцнетото прифаќање на нашите јавно споделени идеи, ние сме полни со надеж за ВМРО-ДПМНЕ и демократизацијата на партијата која многу бргу ќе мора да се случи, а која ќе доведе до обединување на сите внатрепартиски поделени структури. Иако Мицкоски ја гледа формата не ја разбира суптината, дури и на овој политички став кој јавно го изнесе во врска со техничката влада. Зошто сметаме дека ова барање за немање техничка (Пржинска) влада нема врска со стабилна и оформена политичка цел и јасна политичка мисла од страна на Мицкоски? Затоа што тоа е трето ниво на изговор, дека изборите се украдени, се немало контрола над процесот и изборите и слично, поради што не само што не се достигнале 61 пратеник, туку и се намалил коалициониот капацитет на партијата. Втор аспект на интерес за Мицкоски за да нема техничка влада е да немора да дава изговори за тоа кого ќе предложи за министер за внатрешни работи и за социјална политика, како и за дополнителни заменици министри. Ова е пред се од причина што во таа фаза нема да може да ги избегне како „фактор“ кој мора да го заигра луѓето од удбашката структура во партијата, од кои ќе мора веќе по изборите брзо да се ослободи, без разлика на тоа што нема да биде премиер, како што вети таму каде што вети. Така, „елегантно“ ќе избегне непријатности и пред ветувањата и пред внатрепартиските удбашки структури.

Популистичкиот наратив е за очекување, а токму шлагворд за таков наратив на Мицкоски му даде неговиот единствен партнер за коалициски капацитет, Касами. За да го постигне овој шлагворд за употреба пред членовите на партијата и македонскиот народ кои ги држи во политичко слепило и заблуда, употреби и една национална телевизија која го покана Касами да гостува кај нив и да му даде малку националистичко гориво на Мицкоски. Како што и недореченоста во однос на коалицирањето со Левица е само очебијна лага. Од друга страна, зборувањето за вредностите е само расказ за пред спиење. Зарем некој мисли дека Левица ќе ги напушти своите „вредности“ и изразено про-руски и анти НАТО и анти ЕУ ставови? Да може тоа, доколку Москва (читај преку удбашките структури од Балград) имаат интерес од такво нешто и им се дозволи да го направат тоа. Тоа е веројатно четвртиот изговор на Мицкоски.

Впрочем, меѓу редови јасно се кажа дека ЕУ не е опцијата на Мицкоски и затоа повторно затскриено кажаното можното-веројатно-вредносно коалицирање со Левица е јасна порака. Додека за коалиција со ДУИ не важи она „никогаш не вели никогаш“. Таму веќе јавен став изрази Николоски, а тој како Великиот Везир Из Нот Гут му е коската во грлото на Мицкоски, за волја на вистината и на целата наша партија. Но, Мицкоски тоа никогаш сам нема да може да го амортизира и реши како што ветил, а не знае како и од кого да побара и добие помош, но помалку или повеќе не сака. Суета. Ќе дознае можеби, или ќе не внесе во уште еден пораз и политички дебакл како партија.

Токму пораката во однос на ЕУ ме загрижува. Многу ме загрижува. Контекстот на односите со ЕУ е и договорот со ЕУ наречен „Француски“. Мора повторно да напоменам дека партнер на Македонија е бугарската влада, а не некој индивидуалец од Бугарија кој по задача ќе истура отров врз Македонија или македонскиот народ, па на која и да е функција во Бугарија или во европскиот парламент. И сега ние постојано ќе се враќаме наназад барајќи оправдување и вртејќи се во круг. А затскриено ќе се најавува напуштање на договорот со Бугарија или тоа има употребна вредност само за пред народот играјќи на задоцнетиот национал-романтизам и шовинизам. При тоа, не е јасно дали станува збор за напуштање на „Францускиот предлог“ или за напуштање на договорот со Бугарија за добрососедство? Како и да е, многу нелогичности за водење стабилна и јасна политика, со што згора на сѐ искажува и зрачење на нестабилност во регионални рамки, посебно во однос на јужното крило на НАТО. Затоа и реков на почетокот дека се работи за „бош муабети“.

И токму кога требаше да слушнеме за тоа што е договорено со Заев во рамките на коалицијата ЗММ, едноставно „не би се коментирало“. Флоскулата која го покри ова најсуштинско прашање да не биде одговорено ниту затскриено пред македонската јавност, беше „смирување на општеството“.

Христијан, партијата не ти е смирена, со кого ти од нашата партија нормално разговараш или прифаќаш сугестии за политички правец и демократизација на партијата? Секако тука не мислам на клиентелистите во твоето опкружување кои ти климаат со глава и ги одобруваат твоите неартикулирани практични политики и уште понејасни политички искази. Се скара и со Груевски кој многу долго молчеше, со што оставаше впечаток во партијата но и пред домашната и меѓународната јавност дека премолчено те поддржува.

Како мислиш да имаме 61 пратеник како ВМРО-ДПМНЕ? Кога во партијата суштествуваат изразени противречности и судири кои може да се рефлектираат најмалку со апстиненција на нашите членови, а во екстремни состојби и со паралелни листи или преземање на нашето гласачко тело од други партии и коалиции. Во пракса ништо не правиш да божемната тенденција за смирување на општествените тензии ги пренесеш и оствариш најпрво и нужно во внатрепартиските односи. За тоа е потребен пред се личен демократски капацитет и доблест на само шест месеци пред изборите да признаеш дека си водел погрешна политика со што си ја онеспособил партијата за нормално функционирање и пред се победа над оваа вакво неспособно СДС. Секако, и овој наратив во контекстот на смирувањето на општеството не е твој. И него го позајми во облик на форма, но не ја разбра суштината која треба да ја направиш за да тоа смирување биде реалност, и тоа реалност предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Еден многу познат македонски новинар ова ти го кажа многу одамна, чинам пред повеќе од два семестри и тоа на јавна сцена го изнесе. Навистина ти требаа два семестри за да разбереш кој и какви пораки ти испраќа. При тоа, да не бидеш отруен со суета и лажна големина од твоето клиентелистичко опкружување. Посебно да разбереш дека има луѓе, членови на ВМРО-ДПМНЕ кои си ја сакаат партијата многу повеќе и од тоа што би требало ти да ја сакаш како нејзин номинален претседател. Во овој контекст мора да напоменам, дека доведен во тесно поради твоите неартикулирани политички потези последниве години во рамките на коалицијата ЗММ, по прашање на овој твој обид за нов смирувачки (помирлив) пристап во политиката, беше принуден да ги прифатиш советите од советниците од надвор. Им благодарам за тоа, во надеж дека тоа ќе доведе до демократизација на ВМРО-ДПМНЕ.

Е сега, тоа што плаќаш новинари да по твојот терк имаат „муабети за на чешма“ со цел да ги понижуваат тие кои ти се спротивставуваа политички заради доброто на партијата, а тебе те оправдуваат, нема врска со реалните состојби. Посебно нема врска со твојот политикантски муабет дека си фин дечко. Тоа дека си „фин“ (ова „фин“ да го разбереш во политичка смисол), треба да го докажеш во пракса, а за тоа да го направиш треба практично да ја промениш и внатрепартиската политика и политиката кон клучните државни прашања, посебно членството на Македонија во ЕУ.

За да сериозно бидеш разбран и во партија и во Македонија, а посебно пред нашите партнери од ЕУ и САД како преумен, продуховен и демократски претседател на ВМРО-ДПМНЕ мора да направиш отворени, јасни и недвосмислени, чесни и демократски чекори во ВМРО-ДПМНЕ. Неминовно мора јасно и недвосмислено да го ставиш на јавен увид твојот личен став и политичкиот став на ВМРО-ДПМНЕ по прашање на уставните измени и про-европскиот пат на Македонија. Потоа и практично да дејствуваш во тие насоки за да докажеш дека не е во прашање само политикантски муабет. Секако тоа да не биде расказ за добра ноќ, туку веднаш конкретен видлив, јасен и препознатлив чекор со видливи – инстант резултати.

Без овој пристап во кој веќе доцниш и времето на нашата партија го трошиш, нема да имаме шанса ниту приближно да се доближиме до 50, а не пак до 61 пратеник и влада. Не ти требаат политикантски муабети на јавна сцена заради подготовка на изговори. Постојат многу чесни политички пристапи. Минатиот пат ти кажав дека ти се пред носот доколку сакаш да ги видиш. Во спротивно се ќе остане на „бош муабети“, со цел купување време кое не е на наша (на ВМРО-ДПМНЕ) страна и го немаме.

Оливер Андонов

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *