Македонија е важен и доверлив сојузник во Алијансата, рече генералниот секретар на НАТО во Скопје. Тој имаше обраќање во Собранието
Генералниот секретар на НАТО вчера испрати умирувачка порака до Македонија и другите земји во регионот велејќи дека нема некаква воена закана што би дошла од Русија. Јенс Столтенберг на тој начин ги демантираше тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека по неговата земја следна цел на Русија може да биде Балканот.
На прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин, премиерот Димитар Ковачевски, Столтенберг рече:
„Ние имаме воено присуство во овој регион со КФОР, со ГШ во Сараево и со канцелариите во Белград и подготвени сме брзо да се засилиме и да направиме сѐ што треба за да го одбраниме секој сојузник од каква било закана. Но, сепак, не гледаме нешто што би дошло како закана против кој било НАТО сојузник. Исто така, продолжуваме да ја повторуваме нашата порака до Русија дека треба да се воздржат од агресивните дејства против соседите и да ја сопрат војната агресија против Украина“, рече Столтенберг.






