Македонија Новости Топ Вести

Алијансата се заканува: Ако има амнестија за 27 април, ќе нема влада


Владејачката Алијанса за Албанците сака да ги пресретне евентуалните обиди да бидат ослободени осудените за насилниот упад во Собранието во 2017 година, настан наречен „крвав четврток“, во кој тогашниот лидер на партијата Зијадин Села едвај спаси глава.

– Ако осудените за „27 април“ бидат опфатени со новиот закон за амнестија, тогаш ќе нема влада, односно Алијанса за Албанците ќе излезе од извршната власт – изјави за „Слободен печат“ Халил Снопче, пратеник на оваа партија.

ВМРО-Народна,пак, на Љубчо Георгиевски, која е дел од владејачката коалиција, побара преку Кривичниот законик да бидат амнестирани учесниците во насилствата од „27 април“.

– Со таквиот чин Македонија ќе покаже решителност и зрелост за затворање на тој случај и конечно отворање на процес кон внатрешно помирување – велат од партијата на Георгиевски.

Мислејќи на овој случај, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски обвини дека власта амнестира криминалци на сметка на патриотите.

И покрај негирањето и од власта и од опозицијата дека се „пазарат“ на оваа тема, сепак останува сознанието дека измените во Кривичниот законик и новиот закон за амнестија се пакетот што власта и го нуди на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за таа да гласа за уставните измени, како услов земјава да ги продолжи преговорите со ЕУ.

Претходно и министерот за правда Кренар Лога рече дека ако евентуално се постигне договор помеѓу СДСМ и ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ за амнестија и на осудените за „27 април“, Алијанса за Албанците ќе го блокира законот со милион амандмани.

Неофицијално, се шпекулира дека ако има договор за амнестија за „27 април“, можно е и трето сценарио, односно Алијанса тогаш да предложи амнестија и за осудените за „Монструм“ и за „Диво насеље“ што пак, практично би значело целосна блокада на законот за амнестија.

Официјално, и Ковачевски и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ негираат било какво договарање за законите со опозицијата за таа да гласа за уставните измени. Маричиќ во гостување во емисијата 24 анализа рече дека законот за амнестија, предложен од министерот за правда Лога, не е поминат на Влада, но дека целта е да се ослободат затворите од затвореници за лесни кривични дела. Но тој додаде дека ако опозицијата смета дека треба да се разговара и за  „27 април“, да го отворат и тоа прашање.

– Немам информација, ниту мислам дека се преговара за „27 април“. Ако опозицијата смета дека за тоа треба да се разговара, нека го отворат, ние ќе разговараме. За нас „27 април“ е голема болка и траума – рече Маричиќ.

Лидерот Христијан Мицкоски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот за амнестија и најави дека кога тие ќе дојдат на власт ќе има правда за осудените за „27 април“, но не прецизира како.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *