Култура Македонија Новости Топ Вести

За 8 Септември бесплатен влез во музеите

Како дел од прославата на 8 Септември, покрај многубројните пригодни манифестации, за граѓаните од 11:00 часот во целата држава ќе започне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки се обезбедува бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.

Сите заинтересирани граѓани ширум државата, ќе имаат можност да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“, „Хераклеја“, „Баргала“, мегалитската опсерваторија „Кокино“, Музејот Охрид, музеите и заводите во Прилеп, Битола, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија, како и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија. Бесплатен влез за граѓаните ќе биде и во Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево. Во Битола, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука како и во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј, во Кичево пак, во Музејот на Западна Македонија во НОВ, додека во Струга ќе биде бесплатен влезот во Музејот д-р Никола Незлобински.

Националната опера и балет се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, кој на 8 септември во 20:00 часот ќе се одржи пред платото на институцијата.

По повод Денот на независноста, во Кинотеката во 18:00 часот ќе се прикаже еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов. Во 20:00 часот ќе се прикаже филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм на режисерот и сценарист Ѓорче Ставрески.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *