Kолумни Македонија Новости Став Топ Вести

ДЕКУПАЖ ПОЛИТИКА

Пишува Сузана Камберова

Декупаж е збор кој во буквален превод значи „сечи“, или „намали од нешто“. Тоа е позната техника на украсување со прелепување на предметите со други украсни и декоративни материјали. Може да се каже, целта е „од старо да направиш ново“ /„од баба невеста“ итн. со помош на „салфетна“ илузија, каде салфетките играат улога на декорација и замена на скапи материјали и гравури.

„Кураж“ е збор со интернационално значење и означува храброст, смелост, да се осмелиш да направиш нешто, за што ти е потребно повеќе од само желба, решителност и упорност.

Потребна е енергија на скротена водена стихија, река која врти турбина.

Со други зборови кажано, треба да си „струјопотентен“ , за да си куражен.

Генерализирано, двата збора се лексички од француско потекло.

Француски и со француско потекло има и одредени други зборови, кои подредени во вид на комбинаци, даваат реченици, а тие пак неколку заедно формираат текстови, кои понекогаш може да се вообличат во прекрасни литературни дела, а понекогаш, во сосема непристојни предлози и понуди.

Се зависи од контекстот во кој ќе се најдат.

А контекстот е одреден од тоа во кој свет се наоѓаме кога ги користиме француските зборови, во оној литерарниот или во реал-политичкиот.

Од таму, битно се разликува и значењето на секој збор употребен за поен во тие „мали, дворски игри“.

Па така, ако речете дека некогаш ве фаќа „декупаж“ т.е. „де-кураж“ од нашата политичка ситуација, мислејќи на тоа како никој, никогаш на светов немал историски полоши соседи од нашите или дека никој не минал низ слично геополитичко, и секакво друго „политичко “, искушеништво и страдание…….осврнете се низ шумите од зборови и побарајте што значи „кураж“ во некој друг вид на текстови, кои ги чува и негува Литературата, но и Големата наша учителка, Историјата.

Во историјата, на пример, ние може многу да се угледаме и да научиме од Полска.

Така…си била еднаш една земја Полска…..која во XVI век ја доживува својата „златна ера“ на процут и развој, обединета во моќен сојуз со Литванија, за да само за помалку од два века подоцна се претвори во земја чија територија, е разделена од соседите, Прусија, Русија и Австрија ( видете ги лешинарите на илустрацијата долу), а кон крајот на XVIII век биде и „избришана од картата на Европа“

Да повторам:

…..избришана од карта на Европа,

…. поделена од три соседни земји итн. ….

До повторно нејзино „воскреснување“ после Првата светска војна, а во 2004. година таа како држава, пак ќе стане дел од ЕУ….

Е па сега, што да кажеме ние на ова? Што да научиме од историјата?

Пред се, да научиме што значи кураж:

-Има падови, ама има и станување. И на личен и на сличен (државен) план.

-Има бришење, ама и запишување на карти.

-Има златен преиод на благосостојба, ама и период минат во железни опинци.

Има горе, ама има и доле, има назад, ама има и напред….

Се, се, само никако „деКураж“, а ни „декупаЖ“, нема зошто да прифаќаме.

П.С.

*„Декупаж“ – модерна геостратешка техника, со која актуелните политички играчи на теренот ја прелепија Македонија, македонската држава и народ, со разни „салфет“ декорации, во вид на разни „договори“ и „протоколи“, се со цел од старо да направат ново (но неупотребливо).

Ама слабо занаетот, а и салфетките, лош квалитет, еднослојни.

„Де-кураж“ е малодушност која го обзела народот, кој секогаш лековерно верува дека се е во „камен изрезбано“, и дека е така како посилниот ќе каже, па нема назад.

Има, има…види ја Полска:

[…] во 1772 година била извршена првата поделба на Полска од страна на Прусија, Русија и Австрија, зазимајќи ѝ 30% од целата територија. Во 1793 година Полска била по вторпат разделена од страна на Прусија и Русија, зазимајќи ѝ 200.000 km2 со четири милиони жртви. Во 1794 година избувнало востание во Краков, преку кое востание било изршена третата поделба на Полска. Следната, 1795 година Полска била избришена од картата на Европа, губејчи ја својата независност сè до Првата светска војна. При тоа заграбување, полските територии биле поделени во три зони: руска, австриска и пруска. Голем број од полското население емигрирале во во Хамбург, Дрезден, Истанбул и Париз. Во војската на Наполеон биле вклучени голем број на полски емигранти. По победата на Наполеон Бонапарт, во 1807 година било создадено Варшавско кнежевство кое постоело до 1815 година

Полска повторно стекнала независност по Првата светска војна. Во 1939 година била поделена помеѓу Советскиот Сојуз и Нацистичка Германија. По Втората светска војна, Полска паднала под влијание на СССР и во нејзиното уредување бил воспоставен комунизам. Комунизмот се задржал до 1989 година.

Полска во 1999 година пристапила кон НАТО, а на 1 мај 2004 година кон ЕУ.“ ( извор Википедија на македонски)

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *