На прес=конференцијата во Охрид, по повод гостувањето на 63. “Охридско лето“ на холивудскиот актер Џон Малкович не му дозволија да одговори на новинарско прашање за филмските студија што сака да ги гради во Скопје зашто темата беше гостувањето со претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“, напишана и режирана од Михаел Штурмингер, според вистински настан.
Малкович, на синоќешната прес-конференција, на бизнис-уметничка вечера во скопска винарија, само за тесен круг новинари, побара поддршка за реализација на проектот пред македонските медиуми. Додека бараше поддршка за проектот, тој не одговори на ниту едно новинарско прашање ниту пак откри детали во која фаза е реализацијата.
-Ќе ги отвориме вратите за нови можности, привлекувајќи нови странски инвестиции на Балканот, од Запад и пошироко. Овој проект не само што ќе ја поттикне економијата, туку и ќе го насочи меѓународното внимание на извонредниот талент што се наоѓа во оваа земја. Сите ја споделуваме визијата за поставување на Северна Македонија на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, покажувајќи ја нејзината убавина, талент и потенцијал. Овој напорен проект е доказ за вербата во истрајноста – и дека со работа рака под рака… заедно ќе создадеме нова економска иднина за регионот, рече Џон Малкович.






