Пишува Лидија Ѓорѓевиќ
Сонував неверојатно надреален сон. Толку ми е чудно с’е од него што дури не знам дали ќе можам автентично да го раскажам. Затоа простете за нелогичноста во нарацијата.
Седев сама на некој остров, кој и не беше остров, повеќе оаза на немирот. Зјапав во далечината која ја немаше и се обидував да се сетам која сум.
Одеднаш до мене се створи некакво суштество.Не бев видела такво нешто во животот, ниту во романите, ниту во филмовите. Беше голо и босо. Телото му беше некаква аморфна маса. Немаше ‘рбет, а над тоа што требаше да биде глава имаше мало купче снег кое не се истопи до крајот на сонот. Не можам точно да кажам дали суштеството имаше мозок или мозоче како на ноевите за кои велат дека мозочето им е помало од окото. Констатацијата ја добив по неповрзаните, небулозни реченици кои Северин (така ми рече дека се вика суштеството) ги верглаше, а и поради тоашто не ми ја разбра ни наједноставната реченица која му ја упатив при своето обраќање кон него. Едноставно, никако не можев да воспоставам дијалог со него.
Гледав шокирано во него кога Северин ми се престави како мој полубрат. Нека ми прости Господ си реков, но навистина почуствував гадење во моите гладни црева. Ах, да, се сетив одеднаш дека на времето бев и полничка, во еден период дури и дебела и погледнав во своите нозе кои личеа на грисини. Потоа погледнав во неговите. Личеа на козји!
-Барем имаш копитца-му реков. -Мене овде ми студи.
-Немам ништо , немам пари.
-Не ти требаат овде пари. Празно е.
Сега се прашувам зошто ли му реков празно е за отворен простор? Празен може да биде некој сад, шише, дупка.. но тоа ми беше најдлабокото чувство и знаев дека е ПРАЗНО.
-Парите, парите-повторуваше Северин.
Хм, дали е свесен за снегот на неговата глава се прашував цело време, но нешто ми кажуваше дека и да го прашам повторно ќе повторува “парите, парите”. Се откажав.
-Дали сме сами?- одеднаш ме праша.
-Да. Сосема.
-Што ќе правиме овде?- повторно праша вознемирено и намуртено, а почуствував и дека му е неописливо здодевно.
-Јас ја изгубив благодатта и сега се обидувам да ја вратам-реков.
-Не те разбрав баш, но зошто цело време течат солзи од твоите очи?- ме праша.
-Се обидувам преку нив повторно и повторно да се крштевам. Можеби по милоста Господова повторно ќе го добијам тоа што не го разбираш- му одговорив тажно како на ѕид.
Неговата огромна уста која всушност беше единственото нешто на неговото лице се развлече во глупаво ќезење. Некако, од за мене необјасниви причини малку му се подобри расположението. Чудно, зошто јас одеднаш се почувствував како некој со цевка да ми го допива тоа што остана во мене како енергија.
-Зошто и со што се исмејуваш?
– Со тебе. Глупава си.- ми рече церејќи се, а купчето снег на главата му се заледи.
Не одговорив. Продолжив да зјапам во ништото.
-Еј, глупава! Те прашав што имаш намера да правиш, а ти ми зборуваш за некој Господ!
– Имам намера да се сетам.-мирно одговорив.
-Аааахахаха никогаш! Татко ми го избриша сеќавањето. Минатото го заробува човекот и не биди назадна гуско глупава! Затоа мојот прогресивен татко со закон објавен во “ Тужен Весник “ го забрани и го избриша сеќавањето. Ти реков дека си глупава-повторуваше-Заборавот е најголемото ослободување!-рече.
А потоа наеднаш му се собра устата во вид на кокошкин чмар и низ заби промрморе:
-Парите, парите…
Наеднаш небото се затемни. Почна да паѓа пороен дожд. Седевме така јас и мојот брат Северин на својата Оаза на Немирот непомрднувајќи се. Овој пат двајцата имавме благи насмевки додека со подигнати глави кон Небото ги чувствувавме млазевите од дождот кој со голема брзина почна да не потопува. Пред водата да ни ги покрие главите успеав да кажам:
-Хеј, имаш снег на главата! Мислам дека ако го тргнеш и ти ќе успееш да се сетиш! Тргни го сега пред да потонеееш!
-Ќе чекам твоето сонце над глава да ми го истопи глупачо! Кај си глупава па и лажеш дека имам снег!- ова му беа последните зборови што ги избоботи низ водата испуштајќи празни меурчиња.
Одеднаш темнина.
На некој начин жал ми беше што Северин свесно одлучи да го отфрли сеќавањето за себе и тргна по стапките на својот татко кој најверојатно беше полу јарец-полу амеба.
Измеѓу сонот и јавето слушнав пријатен, утешителен глас кој велеше:
“Сеќавањето ќе ти се врати.”
Додека тонев во блажен мир гласот повтори:
“С’Е ЌЕ СЕ ВРАТИ!”