Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во интервју за германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ вели дека гласањето за уставните измени е глас за европската иднина на земјата.
„Русија врши влијание“ со овој цитат од македонскиот премиер во насловот, германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“– ФАЦ објавува интервју со Димитар Ковачевски. Во интервјуто тој, меѓу другото се осврнува на претстојните процеси во земјата во однос на евроинтеграциите.
Весникот забележува дека Украина и Молдавија брзо беа прогласени за кандидати за пристап во ЕУ по избувнувањето на војната во Украина, додека Северна Македонија чекаше 17 години пред конечно да ги започне пристапните преговори во 2022 година. На прашањето до Ковачевски уште колку време ќе биде потребно за конечен прием во Унијата, тој одговара:
„Северна Македонија беше во многу специјална ситуација во споредба со сите други земји кандидати. Во нашиот случај, за жал, имаше премногу билатерални и регионални пречки, кои ни го отежнаа патот. Прво беше спорот со Грција за нашето име, потоа имаше спор со Бугарија, а помеѓу тоа и Франција стави вето.
Со храбри одлуки најдовме договор со Грција. Лани тоа успеавме да го направиме и со Бугарија. Праведен компромис. Го зачувавме нашиот македонски јазик, култура и идентитет. Од друга страна, се договоривме бугарското малцинство во Северна Македонија да го вклучиме во преамбулата на нашиот Устав“, вели Ковачевски. Авторот на интервјуто притоа забележува дека станува збор за 3500 припадници на бугарското малцинство:
„Да. Ова е одлука што треба да ја донесеме за да не го одложиме натамошниот процес. Додека ветото против нашето членство отсекогаш доаѓало однадвор, сега за првпат се заканува да дојде одвнатре“, вели македонскиот премиер, истакнувајќи дека секојдневно ја повикува опозицијата да се согласи со уставните амандмани. „Затоа што при гласањето не станува збор само за нашиот устав, туку за европската иднина на нашата земја“.
Премирот Ковачевски во интервјуто изразува голема благодарност до Германија и до канцеларот Олаф Шолц за нивната поддршка на македонскиот пат кон ЕУ.
„Германија е најголемиот економски партнер на Северна Македонија. Кај нас активни се 200 германски компании. Половина од надворешната трговија ја вршиме со Германија. Во Германија живеат околу 20.000 до 30.000 мои сонародници“, вели Ковачевски во интервјуто за ФАЦ.
На прашањето за тоа колкава е опасноста од влијанието на Русија и на Кина во земјата, премиерот на РСМ истакнува дека : „Има влијание од земји кои немаат интерес за стабилен Западен Балкан интегриран во Европската Унија. Тие веќе поставија инфраструктура овде во регионот. Оваа инфраструктура, вклучува и политички партии. Имаме партии во Северна Македонија кои се финансирани од Русија, тие се против нашето членство во НАТО и во ЕУ. Овие партии се застапени во парламентот. Исто така, има медиуми поддржани од такви земји. Кон сето ова се вбројуваат и поединци кои се претставуваат како аналитичари и научници и шират тези против членството во НАТО и ЕУ.“, вели македонскиот премиер, истакнувајќи дека влијанието на овие актери расте, затоа што расте скептицизмот кон ЕУ по по долгото чекање за членство. „Кога има едно вето по друго, луѓето се прашуваат дали тоа воопшто ќе се случи. Многу работи се променија од почетокот на војната во Украина, одговорните во ЕУ го препознаа проблемот, а зголемен е и бројот на посети на важни политичари од големите земји на ЕУ. Значи, сите заедно се трудиме да не оставиме простор за другите актери од Западен Балкан“, вели, македонскиот премиер во интервјуто за денешното издание на германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.
Димитар Ковачевски во интервјуто, меѓу другото говори и за поддршката на РСМ како земја членка на НАТО на санкциите на ЕУ кон Русија:
„Ја координиравме нашата надворешна политика со ЕУ од првиот ден на рускиот напад врз Украина, иако не сме членки. Но, ние ги споделуваме вредностите на слободен, демократски свет. Независноста ја добивме од хаосот на распадот на Југославија пред 32 години. Од самиот почеток беше јасно дека е право на народот да ги избира не само своите демократски претставници, туку и меѓународните организации на кои сака да му припаѓа. Затоа ќе ја поддржуваме Украина до крајот на рускиот напад“, вели, Ковачевски и истакнува дека во однос на барањето на Украина да стане членка на НАТО ја поддржува политиката на отворени врати на Алијансата, поради која и Северна Македонија станала членка на НАТО: „ Една земја не може да одговори на сите. Самитот (на НАТО во Вилнус) ќе го даде најдобриот одговор. Сепак, очекувам доволна поддршка од Украина, како што беше случај досега“, порачува Ковачевски во разговорот за ФАЦ. .