Kолумни Македонија Новости

ФУТУРАМА ( С01 Е01):  „ МАРАТОНЦИТЕ  ГО ТРЧААТ  ПОСЛЕДНИОТ  КРУГ“

Планета  Земја, година 3159.

Пишува: Сузана Камберова

Зелената планета е одамна сивкаво-правлива, но  дури и во такви околности, некои работи никогаш не се менуваат:

После долги и исцрпувачки преговори (за кои не се ни раскажува), како и после неколку распади и реинтеграции на Унијата на погребални претпријатија, она на М (Маратонија, населена со маратонци), обременето со уште пет-шест тона придавки, додавки и 1-2к фусноти, конечно стасува до последниот ред од последното поглавје на последната рамка на последните преговори. Или, да се изразиме  метафорички соодветно, ја заковува  и последната шајка во сопствениот ковчег.

Преостанатиот народ, измрцварен, ама непоколеблив одгледувач на пиреј (од кој прави скоро сѐ, од игла до локомотива), кој одамна живее без струја и без вода-а за дишење, не знаеме ни како се снаоѓа- сепак наоѓа уште жива сила да го прослави тој датум над датумите.

Низ главниот град  веќе врие од споменици посветени на датумите добиени низ годините- главни датуми, особено ветувачки- на плоштадите во централното подрачје, датуми на датумот за датумите по предградијата- на мини плоштадите, бини за прослави на датумијади и слично…., а сѐ друго од пред-датумската историја е воглавном избрусено или добронамерно објаснето со пет-шест табли од монолитни камени блокови (да не ги украде некој), на кои во неколку реда се цитира историјата на маратонците, воглавном како не-нивна, туку позајмена.

Се испостави меѓутоа, дека маратонците, гледано барем по спомениците и судено по актуелните, историски признаени факти,  во согласност со демократските  принципи на Унијата, секогаш досега да ти трчале во- туѓи трки!!!

Затоа, никако немаат авторско право на своето минато, целото им е некако заедничко со други, сплеткано и „закукулено-замумулено“. Тоа резултирало и со печатење на барем педесетина учебници по историја, литература, географија и секој ученик си одбира самиот од кој ќе учи- според афинитетите. Попат, печатарско/издавачката дејност е една од најбогатите стопански гранки во Маратонија, зошто има многу за до(пре)печатење и сѐ е подложно на бројни измени. А највеќе се препечатува  у……Ставот.

На крај на годината, во училиштата се полага завршен испит пред мешовита, меѓудржавна комисија и набљудувачи од Унијата. Наместо оценка, сега постои можност да се добие, на пример, веднаш партиска книшка од  една од попрогресивните  партии  во моментот (која книшка ќе му гарантира на кандидатот доживотен попуст на каналите на националните медиуми, со дебатни емисии и топ политички аналитичари, 24/7 ) или, ако ученикот имал побл(а)гонадежен израз и одлично ја научил лекцијата- веднаш добива втор пасош со, од можни за избор, неколку регионални адреси и дестинации.

И еве конечно, на долгото чекање достојно на она на Пенелопа,  му доаѓа  крајот. Небото на Унијата од утре ќе се разденува и над  измачените глави на маратонците. Трчаа, трчаа, бркаа возови и најпосле  дотрчаа пешки.

Но…

  Да,  останало  уште едно „ но“ пред овие  десеткувани  тркачи.  Но, дали е сѐ така блескаво, како што изгледа пред самиот крај на трката? Дали маратонците го трчаат навистина последниот круг или не?

Во Унијата, само онака да споменеме, оваа трка е одамна дел од редовната  понуда на букерите, со многу висок коефициент за нивната маратонска издржливост. Дали последниот круг ќе бидне во 3159 година  или трката ќе продолжи понатаму, на пример, котира со коефициент од фантастични 1000 за маратонците (дека тука ќе запрат), наспроти  1.0001 за унијата (дека ќе ги прати на уште неколку круга).

Меѓутоа, да се вратиме на она „но“.

Како во секоја приказна и овде има една мал, но кобен, пресврт за нашите јунаци, во вид на подметната нога, таканаречена „сопка“, точно  пред финиш линијата.

Имено, една година претходно таму, раздвоено од Маратонија, влегува  последниот нејзин  сосед. И како некој  кој држи до себе, се разбира, тој  нема да падне под нивото на останатите соседи. Секако дека не,  па што ви е вам?! Нема ни тој да пропушти да се покаже и истакне кога е Маратонија во прашање, по принципот, „ако е бал, нека е маскенбал“.

„Вие  маратонци, сакате во Унијата на погребални претпријатија?“- прашува.   Во Унијата во која јас сум полноправен  член многу одамна, т.е. дури од вчера? О-хо-хо, дечки, па чекајте малку, каде брзате !? Не може тоа така, секоја шуша, оп,  и право да влезе во Унија.“

И така, мртов ладен, и тој вади список и листа на барања. Нови рамки, ново-стари платформи, „тиган-ски“ овој пат, ново-стари услови, ситен вез и галичка чипка за чеиз …Ајмо, ајмо, живо, живо! Како што беше и очекувано, на повидок е нов круг за маратонците. Ќе успеат ли, ќе издржат,  или конечно после ова ќе издишат  и ќе се тиганисаат, ко лигна на тава?  Тоа ќе го  видиме  веќе во наредната епизода од серијата Футурама. Следете не и останете  исклучени (подобро за вас).

Во Маратонија, меѓутоа, надежта е како сонце-после секој залез, изгрева повторно.  Згрешил секој оној кој го потценил  веќе легендарниот маратонски оптимизам. „Ајде,  уште ова“, си велат пред почетокот на новиот круг.  „Што сѐ не сме избуткале досега, та ова да ни остане.“

И така, еден убав ден… Не, не, Футурамата отиде во некое  сосема погрешно сценарио. Всушност, еден убав ден, главните јунаци на оваа приказна се разбудија од кошмарниот сон, за маратонот  и маратонците  кои трчаат во бескрајни кругови. Решија веднаш да сменат афилиација и професионална ориентација  и наместо в земја да садат непродуктивни  погребални садници, сите заминаа во белиот свет- да садат корнишони.

* секоја сличност со вистински луѓе и настани е случајно случајна

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *