Париз најавува Резолуција за Македонија слична на онаа од германскиот Бундестаг
Сирил Бомгартнер на изложбата „Париски рефлексии“ (Фото: Б. Грданоски)
Претседателот рече – сега прашањето на проширувањето не е кога, зашто колку побрзо, толку подобро, а тоа го кажал повеќе пати. Прашањето е поврзано со безбедноста, со одредени предизвици за развојот на ЕУ. Но, претседателот кажа дека има само едно, единствено прашање – како, под кои услови тоа проширување да се случи колку што е можно побрзо, како тоа да го постигнеме, вели францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомбгартнер, во интервју за „360 степени”, одговарајќи на дилемите во некои кругови во земјава кои велат – што и ако се направат уставните измени ако имаме нефункционален процес на проширување на ЕУ, при што најчесто се посочува на Франција како земја која не е расположена за прием на нови членки.
Објаснувајќи „како”, францускиот амбасадор процесот го дели на два дела – првиот, преговори за членство до потполна интеграција и вториот, што се случуваат од моментот на европска интеграција.
„За првиот дел, за време на преговорите за членство, ги имате принципите што фигурираат во новата методологија за проширување. Тоа значи дека Северна Македонија и сите земји кандидатки кои го почнале преговарачкиот процес треба да спроведат реформи, а тие реформи треба да бидат длабоки, суштински, за да можат да ги дадат резултатите. Потоа, ја имаме и таа градуелна интеграција – тоа значи дека државите кои напредуваат во спроведувањето на реформите ќе треба да имаат навистина предвремени бенефити пред да станат полноправни членки – повеќе финансии, учество во различни програми, во политики, во работни групи во Брисел итн. Треба да се објаснат начините за тоа. Тоа е првиот дел. За вториот дел би кажал дека по интеграцијата во ЕУ прашањето не се однесува за земјите кандидатки, туку за државите членки и за државните институции, а тоа е да знаеме како во една проширена Европа ќе направиме Европа да функционира на ефикасен начин и биде способна да се соочи со утрешните светски предизвици. Има голем број одговори, но едно од прашањата на кое работи една група, формирана меѓу Франција и Германија, е прашањето за напуштање на правото на вето, повеќе да не се одлучува едногласно или да се намалат прашањата за кои ќе се одлучува едногласно”, вели Сирил Бомбгартнер.
Од друга страна Лилијана Танги, пратеничка во француското Национално собрание од партијата на Макрон најави дека францускиот парламент би можел да донесе резолуција за македонскиот јазик слична на онаа на германскиот Бундестаг.