Македонија Новости Топ Вести

Мануел Сарацин: Резолуцијата за македонскиот јазик не е антибугарска

Германија сака да направи сѐ што е потребно за успешно усвојување на измените во уставот на Македонија, кои го вклучуваат бугарското малцинство во овој устав. Ова е нашата цел, изјави специјалниот пратеник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин, во интервју за бугарската редакција на Дојче веле по усвојувањето на резолуцијата за македонскиот јазик и идентитет во Бундестагот.

Тој објаснува дека „оваа резолуција не е антибугарска, туку едноставно, проевропска“. Според Сарацин, „нема ништо ново во тоа што Сојузна Република Германија го признава постоењето на македонскиот јазик – ова беше кажано претходно. Ова беше линијата на германската влада до сега. Новото е што сега Бундестагот уште еднаш го потврдува овој став“.

На заклучокот на новинарот дека „на бугарските форуми за дискусија по резолуцијата атмосферата е многу вжештена“ и потоа на прашањето „што би им порачале на оние Бугари кои оваа резолуција ја доживуваат како ‘антибугарска’“, Сарацин одговара:

„Јас многу добро разбирам дека во моментов нема баш голем ентузијазам за резолуцијата во Бугарија. За мене оваа реакција е легитимна и сосема во ред, ја сфаќаме сосема сериозно. Второ, да потсетам дека и во минатото и сега, Германија отсекогаш била многу посветена на Бугарија, што ќе продолжи да го прави и во иднина. Јас сум многу, многу задоволен од успешниот пат што го следеше Бугарија од нејзиното пристапување во ЕУ. Што се однесува до резолуцијата, таа има голем број различни аспекти. Сепак, најважно е следново: Германија сака да направи сѐ што е потребно за успешно усвојување на измените во Уставот на Северна Македонија, кои го вклучуваат бугарското малцинство во овој устав. Ова е нашата цел. Оваа цел ја споделуваме со партиите и политичките сили во Бугарија.

И уште нешто. Ставот на Бугарија, дека измените во уставот треба да се спроведат уште пред почетокот на кластерските процедури, го потврдија и од Бундестагот. Односно, резолуцијата поддржува важна бугарска позиција за ова прашање. Сумирано: резолуцијата воопшто не е антибугарска, таа е едноставно проевропска“.

Објаснувајќи што значи тоа „проевропска“ резолуција, Сарацин вели: „Имајќи ги предвид бројните, вклучително и емотивните, тензии меѓу Бугарија и Северна Македонија, нашата цел беше да создадеме доверба во македонската страна дека тие можат да го направат овој чекор во однос на бугарското малцинство, дека можат да сметаат на Германија да ги придружува на патот кон ЕУ. Сигурен сум дека и Бугарија ќе ја придружува Северна Македонија на патот кон ЕУ. И во оваа смисла, се надевам дека можеме да работиме заедно на добра позитивна агенда“.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *