
Пишува: Сузана Камберова
Големата, среќна приказна за политички коректната уметност, која доби нималку лесна задача сите на планетава да не направи еднакви и среќни (барем во фикција, ако не сме во стварноста), на голема врата се турка и форсира од светската елита, силно поддржана од бројни НВО и слични субјекти и „активисти“.
Забрзано се титлуваат старите филмови со дополнителни објаснувања и пред сѐ извинувања, во име на „грешните ни предци“, обвинети за создавање на несовршената верзија на историјата, која уметноста, без срам и осет за (пре)осетливоста на идните поколенија, сосема „недостојно“, ја пресликала и претставила во своите тогашни дела. Се препечатуваат популарни книги и класици, да бидат по мерка на денешната „сензитивност и рамноправност“. Не се знае до каде е стасано во тој поглед со уметничките слики, кои засега разбудија револт само кај екстремните еко-активисти, но може да бидеме сигурни, ќе дојдат и тие на ред, еднаш кога ќе ги исчистат од фрлената боја.
На сето ова творештво, извадено од историскиот контекст во кој настанало, грубо и насилно му се менува личниот опис и авторски израз без да се бара дозвола, по мерка на еден „коректен“, иако лажен и тоталитаристички, современ свет со сопствен, „ганц“ нов и светнат, морален клуч. Прашање е на време кога и нашиот личен изглед и опис, ќе стане општествено непожелен, па ќе не шишаат и облекуваат по калапот на некои посоодветни кројки и манекени.
Можеме слободно да констатираме дека новата инквизиција е создадна, маршира и гази по главите на неистомислениците со полет и нова сила, а ние сѐ уште само кришум ѕиркаме од прозорец, да не не забележи додека се криеме зад завесата.
Во меѓувреме, во светот на уметноста секојдневно има понекој нов жртвен јарец.
Компанијата „Дизни“ веќе не знае што да направи за да опстане. Човек би помислил дека фалсификувале историски податоци, а не дека се занимавале со анимација. Променија сѐ по што беа познати , и уште поважно сакани, мизерно додворувајќи им се на новите светски газди и водачи на овој налудничав култ, кој ќе ве линчува ако не му дозволите да ви ја наметне својата „еднаквост“, „правда“ и „естетика“. Скорешна е веста дека од приказната за Снежана ќе се исфрлат ликовите на џуџињата, бидејќи биле навредливи за „луѓето со низок раст“. Митолошките први рудари во историјата на цивилизацијата (токму тие „луѓе со низок раст“), срамно ќе бидат испратени во историска пензија, како да ја извалкале нашата совест со тоа што станале дел од народните преданија. „Аман не ме бранете толку“ е работава. И со заштитата се претера.
Така е тоа, кога си неспособен да создаваш самиот, уништувај го она што го создал друг, кој бил поспособен. Правдај се со израмнување на „неправди“, но таквата правда зад себе остава лигава змиска трага.
Авторите кои одамна го напуштиле овој, сам од себе, уморен свет (Киплинг, Марк Твен, Дикенс, Агата Кристи и многу други) не можат ни да се бранат самите, па нивните дела си трпат преправки на големо (со изнудено одобрување и кооперативност од нивните правни наследници). Последен во низата е познатиот автор за деца, Роалд Дал. Од неговите книги ќе се отстранат низа зборови и изрази, меѓу другите: „кривоног“, „асиметричен“, „луѓе од далечни земји“, грд“,… Потоа таму сите ќе бидат умни и убави и конечно, можеби тогаш, како што се надеваат политички коректните, фикцијата ќе стане реалност, а реалноста, фикција.
Тажна е сликата за современото општество, кое ја уништува сопствената природна креативност и имагинација, давејќи ја со голи раце во океан на комплекси, особено оној на колективна вина за сѐ и сешто и така ја сведува на конфекциски производ, проста синтетичка материја. Сето тоа ме потсеќа на една сцена од филмот снимен по биографската приказна на американската актерка Френсис Фармер. Бунтовната и само своја Френсис, општеството и семејството не може да ја прифати, таква каква што беше, па најпосле со лоботомија од неа направија “жена за пример“. Податна, послушна и „вклопена“. И тотално празна. Буквално и го спржија мозокот, зошто премногу отскокнуваше од просечниот умствен калап. На крајот од филмот, Френсис, една вечер после многу години, се среќава со својата некогашна голема љубов. Тој не знае дека успеале да ѝ го скршат духот и во текот на разговорот ќе го сфати тоа. Нема ништо потажно за гледање од мигот кога разочарувањето и тагата од тоа сознание ќе му се прочита во очите. Уште ми е мачно кога ќе се сетам.
Дали и нашата судбина е да станеме еден ден дел од функционално „лоботомиран“ општествен систем? Да ни ги затапат сетилата и уништат разумот? Да не опкружат насекаде со стерилна и сервилна уметност, во која креативноста ќе моли за дозвола да биде креативна? Ќе гледаме ли некоја нова верзија на Снежана (дури старите гнијат запечатени во бункер), која ќе нема дефиниран пол, ќе нема пријатели џуџиња, принц пак ни случајно, ќе биде плурипотентна маса, без ниту една јасна индивидуална црта, за да се елиминира секоја можност за „навреда“? Ќе аплаудираме ли на тоа, без срце и чувства, како автомати? Само затоа што, наводно, според некоја ново-легенда, токму тогаш и токму такви, ќе бидеме конечно еднакви и многу, многу среќни.