Некатегоризирано

СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА ЗА „ПРЕЕКСПОНИРАНО“ НА ВЕНИНОВА ВО ИТАЛИЈА

„Преекспонирано“, дебито на Елеонора Венинова, доби специјална награда на фестивалот „КинЕст Фест“ во Катанија, Италија.

„Меѓународното жири на фестивалот го пофали филмот како ‘интелигентна и актуелна камерна претстава’, додавајќи дека ја доделило специјалната награда поради ‘режисерското мајсторство на држење на тензијата во куќата помеѓу тројцата карактери’“, соопшти продукцијата ДНФ.

Фестивалот „КинЕст Фест“ е посветен на кинематографијата на источна и централна Европа. Го организира фондацијата „Долина Миру“ во Катанија на Сицилија и трае речиси цел месец.

Светската премиера на „Преекспонирано“ беше лани во ноември во Каиро на фестивалот од А категорија, а азиската во Пуне, Индија во февруари. Филмот се прикажа и на фестивалот „Евроазја“ во Варшава. Играше и во кината низ земјава, а сѐ уште е на репертоарот на киното Милениум во Скопје.

Во „Преекспонирано“ играат Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска и Марјан Наумов. Кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката е на Линдзи Рајт, сценографијата на Срѓан Митровиќ, монтажер е Гоце Кралевски, костимите се на Жаклина Крстевска, монтажер за звук е Дарко Спасовски. Продуцент е Гоце Кралевски од „ДНФ филмс“, копродуцентка е Мирјана Томиќ од  „Лилит“ од Србија. Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм, Српскиот филмски центар и Еуримаж.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *