Македонија Новости Топ Вести

Денеска протест на вработените во УЈП

Вработените во Управата за јавни приходи денеска ќе одржат протест на кој ќе го изразат своето незадоволство од работата на министерот за финансии Фатмир Бесими кој не даде согласност за новиот Колективен договор на Управата за јавни приходи.

Протестот ќе се одржи во 11 часот пред  зградата на Министерството за финансии.

Според синдикалната организација во УЈП, во новиот Колективен договор утврдено е зголемување на платите на вработените во Управата за јавни приходи, што е легитимно и основано согласно одредбите на член 66 од Законот за буџети кои се потврдени и во Собранието со давање автентично толкување.

„Министерството за финансии имаше забелешки на договорот за наводни финансиски импликации по буџетот на Македонија по што се изготви содржина на колективниот договор прифатлива за сите.

Но до ден денеска, од неразбирливи причини согласноста за потпишување на договорот не е добиена, а вработените во управата не можат да го остварат своето право на повисоки плати. Затоа решивме да го одржиме денешниот протест. За 14 години платите на вработените во УЈП се корегирани само за 5%, а во последните 4 години ниту еден денар.

Ја искажуваме нашата загриженост поради можноста да настанат непосакувани состојби, условени од неисполнување на работните задачи и обврски на вработените при евентуално одржување на генерален штрајк на што се инсистира од страна на вработените“, соопшти синдикална организација Солидарност во УЈП.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *