Македонија Новости Топ Вести

Оставки на двајца членови на Судскиот совет

Двајца членови на Судскиот совет, Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска Стефкова денеска си поднесоа оставки. Не ги кажаа причините за таквата одлука. Од друга страна, иако во земјава недостасуваат судии, нема акредитирана компанија за тестирање на кандидатите за нивните морални вредности и за менталната состојба, иако тоа е законска обврска.

Токму успешното полагање на овој тест е законска обврска за вршење на функцијата судија. Судскиот совет во моментов не е во можност да ги пополни испразнетите места и да овозможи нормално функционирање на судството кое се соочува со застарување на многу судски предмети или нивно одложување.

„Судовите се во дефицит и не можат да бидат именувани нови поради овие причини. Најлесно е да се потпише нов договор со некој што ќе ги спроведе тестовите, но немаме страна која може да одговори на законот. Ова за нас е мат позиција. Не станува збор за технички проблем, туку за правен“, рече Сашко Ѓоргиев, претседател на Судскиот совет.

Во исчекување на решавање на ова прашање за преземање на функцијата судија во моментов се 8 судии во Апелациониот суд во Скопје, 30 новодипломирани судии од Академијата за судии и јавни обвинители и двајца шефови на судови, односно вкупно 40 места.

Од друга страна, во Законот за судски совет јасно стои дека компанијата која може да ги спроведе овие тестирања мора да биде акредитирана, но Алсат дознава дека кај нас никогаш немало таква акредитирана компанија. Од 2015 до 2022 година институт кој не е акредитиран за тоа, ги спроведувал ваквите тестирања со претходен договор со Судскиот совет.

Со ова се поставува прашањето дали изборот на сите судии кои го поминале овој тест спротивно на законските одредби за избор на судии, може да биде оспорен и истите да бидат принудени одново да полагаат.

„Ние не сме надлежни да процениме дали тестовите за судиите од 2015 до 2022 година се валидни или не, но факт е дека во моментов немаме акредитирана компанија која може да потпише договор за реализација на тестовите, иако тоа е законски услов“, додава Ѓоргиев.

Законот, исто така, наведува дека психолошкиот тест и тестот за интегритет мора да бидат во меѓународно призната форма и да се спроведат во најмалку една од земјите на ЕУ.

Инаку, државава има потреба за вкупно 639 судии, а во моментов има само 393. Најалармантна е состојбата во судовите во Берово и Крушево каде што нема ниеден од предвидените 3 судии, во Виница има само еден од предвидените 3, исто како и во Кратово.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *