Уставниот суд денеска ќе ја одржи 21. седница на чиј дневен ред се четири иницијативи за оценување на уставност и предлог за одлучување по еден предмет.
Уставните судии ќе ја разгледуваат иницијативата на адвокат Александра Илиева Милчова со која се оспорува член 99 став 5 од Законот за судовите во делот „правосилни”.
Според подносителката на иницијативата недозволиво е да бидат објавени само правосилните одлуки, додека неправосилните да останат тајни и да не биде дозволено јавноста да биде запознаена со нив, потенцирајќи јавноста на сите судски постапки е гарантирана со членот 16 од Уставот.
Судот ќе расправа и по иницијативата на Ванчо Иванов и Мите Димоски со која се оспорува Член 19 ставовите 1 и 3 точка 4 од Правилникот за технички преглед на возила на Министерството за внатрешни работи.
Подносителите на иницијативата сметаат дека Правилникот за технички преглед донесен од МВР не е усогласен со Законот за изменување и дополнување на Законот за возила во членот 66 став 1 точка 3, бидејќи при контрола од страна на службените лица на МВР различно се толкува законот и правилникот.
– Наведено е дека службените лица на МВР донесуваат решенија за забрана на работа на станици за технички преглед ако не се придржуваат до правилник од 2010 година, наведуваат подносителите, додавајќи дека со ова своеволно се толкува кој ќе врши контрола дали раководител со работно искуство од три години или некој со искуство од 6 и 12 месеци и не се признаваат повисоките звања, како магистри или доктори на науки.
На дневен ред на седницата е иницијативата на Коста Антовски со која се оспорува Одлуката за определување зони за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот бр. 08-653/5 од 31. 01.
2022 година на Советот на Општина Охрид.
Според подносителот на иницијативата, со оспорената Одлука се зголемува данокот на имот за три пати, само за граѓани кои имаат стан во Охрид, а не се жители на оваа Општина, со што е повреден членот 9 од Уставот кој предвидува дека сите граѓани уживаат еднакви права.
Уставните судии треба да ја разгледаат и иницијативата поднесена од градоначалникот на Општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски со која се оспорува Oдлуката на општинскиот Совет на Македонска Каменица бр.
08-398/1.
Подносител на иницијативата наведува дека Одлуката е незаконски донесена, бидејќи во Буџетот на Општината не се предвидени финансиски средства за конкретната намена, односно одобрување на средства на граѓанин од Македонска Каменица за издавање на песна.