Пишува Татјана Стојановска
Демонизирање на голотијата Светот оди напред. Човекот континуирано го освојува. Ги менува своите нагони, стандарди и природата. И заборава на најбитното: човекот не може да освои нешто што него го создало. Се става себе во кафезот на своите ментални ограничувања. Се раѓаме голи, нашето тело е сѐ што носиме на овој свет. И секој ден се повеќе се срамиме од тоа што сме. Секако дека облеката се појавила во човековото битисување како заштита. Модата ѝ дала смисол. Но доаѓаме до степен кога се изместува основната потреба за истата. Почнуваме да се срамиме од нашето тело. Се криеме зад облеката, бараме пласман во општеството преку стандарди кои веќе се дегутантни. Може и секогаш биле. Од оној момент кога чесноста се врзала со покривање на телото. Кога наместо да се класифицираат погрешните нагони, истите се прикриле преку облеката. Па така дошло до создавање на стандарди што е прикладно а што не, што од твоето тело смее да се види а што не. Перверзијата се дефинирала со постоењето на голото човечко тело, наместо со агресивните и деструктивни мисли на човековите нагони. Секако, одиме напред, човекот ја сфаќа заробеноста на својата природа во наметнатите стандарди на облекување. И повторно, ослободувањето води кон погрешни стандарди. Сакајќи да се чувствуваме природно во разголеното тело, се создава облека која уште повеќе го демонизира. Модерните мали парчиња кои покриваат мал дел од телото се доживуваат како повик на страсти и повторно осудување на нашето голо тело. Наместо да се врати природноста на голото тело, голотијата се користи за подметнување на нагони кои не се природни. И сѐ е тоа во нашите ментални ограничувања тренирани со генерации, всадени во нашите мисли: голотијата е грев. Не, голотијата е природната состојба на човекот, а облеката корисен дел од секојдневниот живот. И ништо повеќе или помалку. Детал за нагласување на својата индивидуалност. Сѐ друго е претенциозност и злоупотреба.