Извештајот на Илхан Ќучук за Македонија, бомбардиран со бугарски амандмани
Над 300 амандмани европарламентарците поднесоа за извештајот за Македонија на Илхан Ќучук што утре ќе се најде на гласање на Европскиот парламент. Околу педесетина од нив се поднесени од бугарските европарламентарци, чии партии не можат да се договорат за нормална влада, но во еден глас и со исти аргументи ја напаѓаат Македонија – како да сакаат војна, а не добрососедски односи.
Главната цел на нивните амандмани е да влезе во документот дека има силен говор на омраза во Македонија, кон Бугарија и кон бугарското малцинство, па се оди и подалеку – се промовира кованицата „криминал од омраза“, покрај наводните „дискриминација, вознемирување, закани и насилства“ кон тие што се декларираат како Бугари во Македонија, при што се користи аргументот дека од 17.000 невладини организации во Македонија – забранети се само тие што се формирани од Бугари.
Со амандманите бугарските европарламентарци се обидуваат исто така да го исфрлат делот од извештајот во кој стои дека „преговарачкиот процес не треба да биде злоупотребен за решавање на билатерални спорови“, а место тоа да стои дека исполнувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е услов за приемот во ЕУ.
Најкуриозитетни се амандманите со кои се бара од државата да го запре ширењето на говор на омраза кон Бугарија и Бугарите од страна на македонските медиуми, со уште покуриозитетно барање – да се спречи таков говор на омраза „кон земји членки на ЕУ и кон соседни земји“.
Дел од амандманите имаат за цел да ја доведат во прашање оценката во извештајот за добро воспоставената етничка хармонија во државата, бидејќи така бугарските тези за дискриминација паѓаат во вода, а секаде каде што стои дека напорите треба да бидат заеднички (и на Бугарија и на Македонија) во однос на подобрување на односите – да се тргне реципроцитетната обврска и секаква алузија дека и двете земји имаат одговорност за состојбата.
Со еден куп амандмани Ангел Џамбаски сака и да ја оцрни сликата за Македонија во Европа, барајќи да влезе во заклучоците дека безбедносната ситуација кај нас е нарушена од присуство на повратници на ИСИС, на вахабисти и од турско, иранско и кинеско влијание.
Еден од амандманите, пак, јасно исцртува во кој правец се насочени бугарските, а можеби и хрватските апетити, бидејќи е поднесен од европарламентарка од хрватската ХДЗ, која бара сите етнички заедници во нашата држава да имаат еднаков пристап до „политичко учество, образование и јавна администрација“. Во единствениот амандман на грчките европарламентарци се бара за договорите со Грција и со Бугарија да не стои „обострана имплементација“ , т.е. и од нивна и од наша страна, туку „имплементација со добра волја“.
Практика во ЕП е овие стотици амандмани да се сумираат во десетина компромисни и така да се гласаат, при што вообичаено отпаѓаат тие што се екстремни или пристрасни, но сепак исходот зависи од распоредот на силите и од лобирањата во Брисел.
Судејќи по амандманите, иако ГЕРБ го воскресна спорот со Македонија и ни го стави ветото, главните „јастреби“ сега се од Бугарската социјалистичка партија, чии амандмани не се разликуваат ниту милиметар од тоа што го предлагаат екстремистите, како Ангел Џамбаски и Александар Јорданов, па и се поекстремни во некој поглед.