Напладне продолжува собранисиската и комисиска дебата за пакетот закони за коридорите
Собранието на Република Северна Македонија денеска напладне треба да ја продолжи 115-та седница во рамки на која меѓу точките се и пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10 д.
Воедно, на собраниската Комисија за европски прашања треба да продолжи расправата за измените и дополнувањата на Законот за градење по скратена постапка. На дневен ред на оваа Комисија се и измените и дополнувањата на Законот за експропријација и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, и двата по скратена постапка.
Пратениците вчера попладне на пленарната собраниска седница ја завршија расправата по Предлог законот за измени на Законот за работните односи, кој е дел од пакетот закони за изградба на коридорите, а гласањето ќе биде дополнително закажано.
Во текот на дебатата, пратениците од опозицијата беа на ставот дека овие законски измени се спротивни на владеење на правото, затоа што, велат, законот ги поробува работниците, наместо да ги ослободува. Според нив, носење на законски измени по скратена постапка под „превез“ на европско знаменце е насилие и криминал, што целосно штети на интегративниот процес на земјата во ЕУ.