„Бехтел и Енка” ќе ја исцица потта на македонскиот работник – ние сме колонија на американскиот империјализам – рече претседателот на Левица, Димитар Апасиев на денешната собраниска седница за предлог-Законот за измени на Законот за работните односи. Тој наведе дека тројца функционери вршат директни кривични дела со поптпишувањето на договорот за коридорите.
На денешната собраниска седница, каде се дискутираше за предлог-измените на Законот за работни односи, лидерот на Левица се појави со маица со натпис „Ќе висите заедно.” Во своето собраниско обраќање, Апасиев порача дека со овие законски измени предлагачите се обидуваат „да воведат нормално ропство под европско знаменце, со афрички стандарди”.
Според Апасиев, сега имаме ситуација во која законот ги поробува работниците, наместо да ги ослободува, за што, како што предупреди претседателот на Левица, следува кривична одговорност. Во продолжение обраќањето на лидерот на Левица од денешната собраниска седница.
– Сакате да воведете корпоративна репресија во Републикава, односно да нѐ вратете два века назад во доменот на трудовото право. Првиот сегмент е злоупотребата на европското знаменце, односно нема потпис од министри. Вие министерке Тренчевска, иако не сте правник, добро Ве поучиле да не ставите потпис на оваа лажна изјава и да го насанкате заменик-министерот да заглави како „Миле ми текна” по судови. Ова е типична лажна изјава – рече Апасиев.
Тој ја нагласи во својот говор и кривичната одговорност за потпишаниот договор со конзорциумот Бехтел и Енка.
– Кривичната одговорност со потсмев ја гледате додека сте на власт, но кога ќе паднете, работите стануваат посериозни, оставате траги, оставате потписи. Кој ќе одговара за „Бехтел и Енка”?!
Прво, ќе одговара Бочварски. Како потписник на договорот, согласно чл. 377 од Кривичен Закони, за сторено кривично дело против правосудството, неизвршување судска одлука. Во ст. 3 се вели: „службено или одговорно лице кое ќе одбие да изврши одлука на Уставниот суд на Р. Македонија што е должно да ја изврши, ќе се казни со затвор од 1 д 5 години”.
Следно, ќе одговара предлагачот, во случајов, заменик-министерот Енвер Хусејин, по чл. 361 од КЗ., а тоа е фалсификување исправа. Вели: „службено лице, кое во службена исправа, книга или спис, ќе внесе невистинити податоци, или ќе завери службена исправа, книга или спис со невистинита содржина, ќе се казни со затвор од 3 месеци до 5 години.” Оттука, предлагачот ќе одговара за фалсификување службена исправа.
Трет којшто ќе одговара е спикерот, односно Претседателот на собранието, Талат Џафери за к.д. Несовесно работење во службата, по чл 353В од К.З. Кој вели: „службено или одговорно лице кое со повреда на законските прописи за совесно постапување при вршење дискреционо овластување со пропуштање на должен надзор, очигледно несовесно постапува.” Оттука, Талат Џафери бил ДОЛЖЕН ваквиот документ, како нецелосен и лажен да го врати на предлагачот, меѓутоа тој не го сторил тоа, поради шверцератот за Коридорот 8 е „Коридор Илирида”, тоа е општо познато. Поради тоа, кога ќе паднете од власт, ќе одговараат овие тројца – рече Апасиев.