Култура Новости Топ Вести

САЕМOT НА КНИГА ПОЧНУВА ДЕНЕС И ЌЕ ТРАЕ ДО 10 МАЈ

Над 60 издавачи од Македонија, Србија, Албанија и Косовo ќе се претстават на 35. издание на Саемот на книгата, кој ќе се одржува од денес до 10 мај во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Саемот е отворен за посетители од денес од 10 часот, а официјалното отворање е вечерва во 18 часот.

Ценатa на билет е 80 денари, а 50 денари по лице ќе изнесува цената за организирани групи ученици. Билетите ќе бидат достапни за купување на влез на арената и онлајн преку „карти.ком.мк“. Саемот е отворен од 10 до 20 часот.

Организаторите вчера рекоа дека сѐ уште чекаат одговор од ЈСП „Скопје“ дали како и изминативе години ќе има автобуска линија до „Борис Трајковски“.

„Ако минатата година Саемот на книга го посетија само 24 илјади посетители, годинава се очекуваат 30 илјади посетители. Она што успеавме да го направиме годинава и што ќе биде веројатно позитивно изненадување за љубителите на книга е тоа што и техничкиот дел на арената е подготвен така да биде претставен како вистинско саемско доживување, што значи нема да бидат видливи седиштата или оној дел од салата кој е наменет за други настани, туку ќе бидат прилагодени“, вели Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем.

Една од главните цели на годинашното јубилејно издание на Саемот е одбележувањето на важноста за зачувувањето на мајчиниот македонски јазик, како главен идентитет на народот. Така, утре во 12 часот, ќе биде организирана трибина во организација на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) по повод Денот на македонскиот јазик.

Ќе има и околу 60 настани, како промоции на нови книги во официјалниот Промотивен центар во Арената, едукативни работилници и цртање за децата, како и средби со автори и потпишување книги. „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“ е годинашното мото.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *