СОЊА МАНЏУК
Секогаш кога во една средина, во едно општество, ќе се случи нешто грозоморно, нешто што ќе незгрози и помести емотивно, а актери се млади луѓе, деца речиси, тоа говори за моралниот пад на таа средина, на тоа општество. Тоа говори дека возрасните некаде потфрлиле. Лоши деца не се раѓаат, такви стануваат. Такви ги прават возрасните и околностите, такви ги прави оппштеството. Психопат се раѓа или се станува? Или, сепак, мал е процентот на таквите што такви се раѓаат. ,,ПУКАВ ЗАТОА ШТО СУМ ПСИХОПАТ!’’ -рекол при апсењето 14-годишниот ученик којшто направи масакр во едно белградско училиште. Лично не верувам во таа изјава. Ја читам, слушам – ЖРТВА СУМ! Жртва на булинг, за жал, која како последица има многу жртви, и мртви и повредени. Психопат никогаш за себе нема да каже дека е психопат. Изјавите на неговите соученици го потврдуваат тоа- Го малтретиравме непрекинато затоа што беше подобар од нас. Наставниците го гледаа тоа и никој не реагираше. Еднакво згрозувачко како овој масакр е тоа што наставниците го гледале тоа и никој не реагирал! Ќе биде ли претерано ако се каже- сочесници во булинг?! Каде се изгубила улогата на наставникот како едукатор и воспитувач, имаат ли училиштата психолог, имаат ли некој задолжен да најде решение за вербалното, психичкото и физичкото врсничко насилство, за булингот со еден збор и како стојат нештата во Македонија по ова прашање? Исто така, килаво стојат, а булингот е во пораст. Ќе се навраtам на тоа малку подолу, би сакала да потенцирам еден исто така многу битен сегмент, од изјавата на началникот на полициската управа за град Белград- ,, Имаше список. Скицата личи на нешто од видео игра или од хорор филм, што укажува дека детално планирал, според часовите на училиштето, во која училница ќе влезе и како и кое дете ќе го ликвидира’’. И сето тоа било планирано еден месец. И никој не забележал што на еден малолетник му се врти во глава цел еден месец! Ниту родител, ниту наставник, ниту пријател, ако воопшто го имал. А такво нешто да ти се врти во глава не е лесна вртелешка.Тешки мигови се тоа, па дури и за еден психопат. Нешто во неговото однесување, во неговите очи, требало да им укаже на најблиските барем, што се случува во негова глава, но и во неговите емоции. Се гледат ли луѓето в очи, комуницират ли, ги гледате ли вашите деца, вашите ученици во очи, се има ли вистинска комуникација или се нема време за толку длабок увид во душата на /нај/ближниот? Во најтешките мигови, напиша своевремено, рускиот писател Леонид Леонов, треба на децата да им гледате во очи. Би додала дека секогаш треба на децата да им гледате во очи, за да бидете во контакт со нив, за да не ги ,,испуштите од рака, за да не ви паднат на теме,, и за да не се изненадите кога во некое утре нема да си ги препознаете. Тоа се нарекува и родителска одговорност, освен што треба да се подразбира и како родителска љубов. А, пошироко, тоа се нарекува општествена одговорност. Секогаш кога во една средина, во едно општество, ќе се случи нешто грозоморно, нешто што ќе не згрози и помести емотивно, а актери се млади луѓе, деца речиси, тоа говори за моралниот пад на таа средина, на тоа општество. Тоа говори дека возрасните некаде потфрлиле. Сите сме одговорни. Системот е одговорен. Сите сме соучесници!
Како е во Македонија? Се надевам немаме толку кратко паметење на златни северни рипки и паметиме дека имавме случај на гимназијалец кој поради булинг скокна од зграда. Последен нека е таквиот случај и ова туѓо соседско искуство нека ни биде поука да бидеме социјално и општествено поодговорни. Имавме неодамна и малолетници коишто силуваа малолетник и тоа треба да ни го вклучи алармот за тоа што се случува во ова труло општество. Имаме и статистика која укажува дека секој втор средношколец е анксиозен.
Мојата првична фб реакција на овој настан беше следнава:
Детство кое се одвива пред компјутери, таблети и телефони. Агресија и сублиминални пораки- секс и оружје,преку цртани филмови и видео игри. / ќе додадам- преклопување на виртуелниот и реалниот свет/
Отуѓеност. Врсничка но и семејна поради немање време, поради ,,богот пари и си доаѓа ѓаволот по своето’’.
Булинг- термин за весничко насилство. Балканот стана Америка.
Ученик којшто прави масакар во училиште. Малолетници коишто силуваат малолетник.
Резултатите од сеопфатното сексуално образоавание што ќе прават хаос во детските глави и чувства, допрва ќе ги имаме на вести.
Желудникот ми се згрчи, не се ,,варат’’ оваквите вести. Тагата ми дојде до грло.
Сега, овака пејсткопирани ми личат како новинарски наслови. Во секоја има материјал за тема. Овде ги третирав од друг аспект, за да се уверам во правилото- почетната реченица и` дава тон на колумната.
Станавме запад по новинарски наслови.
Каде одиш/ балканска/ цивилизацијо, со овие вредности и ги препознаваш ли како западни?