Силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ е решението, за да се направи резултат 61 +
Ексклузивно интервју со проф. д-р Оливер Андонов
1.Од неодамна редовен професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, поранешен Министер за Внатрешни работи, единствено во интерес на партијата, која веднаш после системското и идеолошкото разидување со раководството на ВМРО-ДПМНЕ започна харанга против Вас, нарекувајќи ве неважниот и еднодневниот. Човек кој во голема мерка го вложи својот професионален и личен дигнитет во решавање на црковниот спор на МПЦ-ОА со Помесните Православни Цркви, прв човек на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ … кој е всушност професор д-р Оливер Андонов?
Христос Воскресе!
Дозволете ми на почетокот на оваа интервју со безвремениот победнички восклик Христос Воскресна да им го честитам Велигден на сите Православни Христијани, посакувајќи им добро здравје и поткрепа во Христа Бога. Воедно, им го честитам Рамазан Бајрам на сите Муслимани и исто така да им посакувам добро здравје и убави празници.
Оливер Андонов не е непознат за македонската јавност, но и пошироко. Како што веќе кажавте, јас неодамна сум избран во наставно-научно звање редовен професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје и во активна наставно-научна дејност сум присутен повеќе од 15 години. Мојата професионална определба во академската фела како универзитетски професор е само еден дел од моите општествени активности. Водејќи се од утврдената вистина дека „човекот е политичко битие“ (Платон), но и од обврската на академската заедница да биде глас на разумот во општеството и преку тоа има јасна и детерминирана улога во политичкиот живот од интерес на Македонија и македонските граѓани.Јас во континуитет повеќе од 25 години сум постојано активен во политичкиот живот на различни нивоа. Таа моја политичка активност секогаш била поврзана со десната, конзервативна, демократско-христијанска определба и со тоа тесно и пред се активно поврзана преку членување во ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија. Токму мојата јасна десничарска политичка определба и пред сѐ и над сѐ јасни македонски позиции беа мотивот да прифатам да бидам Министер за Внатрешни работи во последната политичка влада на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и дополнителен заменик министер во техничката влада во 2016 година. Доаѓајќи на позицијата Министер за Внатрешни работи, во потполност бев свесен за малициозното однесување кое ќе биде насочено кон мене, а кое и денес во недостиг на било што реално се обидува да го употребат против мене токму поединци од мојата партија ВМРО-ДПМНЕ со цел да ме омаловажат. Морам да кажам дека за мене беше исклучителна чест да бидам дел (па дури и еден ден) од политичката влада на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во исто време правејќи го тоа без лукративни цели, туку исклучиво поттикнат и силно мотивиран од интересот на Македонија и македонските граѓани и потребата на партијата во едно тешко време. Впрочем, да не бев јас тогаш и подоцна на тоа место, не сум сигурен дека денес токму некои во ВМРО-ДПМНЕ кои се обидуваат да се додворат на раководството преку обиди за мое омаловажување, но и мнозина од самото раководство на партијата ќе беа во ВМРО-ДПМНЕ.
Во контекстот на мојата лична посветеност кон интересите на Македонија и македонските граѓани е токму и моето лично залагање и влог за добивање на канонски, неограничен, неусловен и потполн Томос за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на СПЦ. Тоа е историски настан за прв пат во историјата на Македонија и пред се на македонскиот народ да имаме сопствена автокефална црква во ништо помала од сите други Помесни Православни Цркви. Во остварувањето на оваа историска национална цел секако дека не бев само јас, голема, неизмерна благодарност за поддршката, помошта и заедничките напори изразувам кон Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-Пелагониски г.Петар, кон господинот Зоран Ефремов, и кон Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски господин господин Стефан за тоа што ја прифати нашата идеја и ги поддржа нашите напори, како и кон сите оние епископи, клирици и мирјани кои свесно, а некои и несвесно, но според Божјата промисла го помогнаа оваа историско-национално дело да стане реалност по дури 260 години од неправедното укинување на Охридската Архиепископија. Треба да бидеме свесни дека ударите врз автокефалноста на МПЦ-ОА ќе продолжат и во иднина, но ние како политичка Фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ ќе останеме и понатаму да бидеме единствениот политички субјект во Македонија кој јавно, јасно и недвосмислено ќе дава поддршка на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА во борбата за зачувување на тешко и со генерациска борба стекнатата автокефалност. МПЦ-ОА е национален и општествен столб на Македонија и пред се на македонскиот народ во татковината и насекаде низ светот во дијаспората.
Токму како прв човек на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ и низ овој пример на јавна и недвосмислена поддршка на МПЦ-ОА пред македонската јавност ја покажуваме различноста во политиките помеѓу нас како внатрепартиска Фракција и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Немањето јасни и недвосмислени, но пред се обмислени и втемелени врз националните интереси на Македонија ставови од страна на актуелното раководство на партијата е основната причина поради која по долготрајно внатрепартиско одбивање на раководството да комуницира и демократски разговара се појави Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ и започна со јавно делување.
2.Политичка Фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, што тоа треба да се демократизира и ревитализира во оваа партија денес?
Токму како што веќе Ви посочив, политичката Фракција во ВМРО-ДПМНЕ е внатрепартиска и не е посебен политички субјект како што некој во партијата се обидуваат да манипулираат со членството, членовите на Фракцијата се членови на ВМРО-ДПМНЕ кои едноставн о не се согласуваат со политиките на Мицкоски и актуелното раководство на партијата затоа што истите се погрешни и штетни за ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. ВМРО-ДПМНЕ има насушна потреба од внатрешна демократизација, а низ тој процес на демократизација ќе се постигне и ревитализацијата на партијата. До пред пет години, ВМРО-ДПМНЕ и покрај губењето на власта и заминувањето во опозиција и покрај прогонот од страна на предавничката и криминализирана власт на СДС, беше витална и организационо структурирана партија која беше во состојба да ги застапува интересите на Македонија и да изврши политичка мобилизација на македонските граѓани. Денес имаме разочарувачка состојба во партијата и воопшто во општеството во кое партијата не е во состојба да изврши национално обединување и политичка мобилизација на граѓаните, а при тоа ВМРО-ДПМНЕ е доведена во состојба на де-факторизација и исклучена од внатрешно политичките процеси во Македонија со долгорочни и силни импликации врз државата и нацијата. Тоа разочарување е пред се резултат на лошото, погрешно и полно со незнаење водење на партијата од страна на актуелниот претседател и неговото раководство. Понекогаш, всушност многу често, ние во Фракцијата си го поставуваме прашањето: „зошто Мицкоски толку многу го мрази ВМРО-ДПМНЕ и свесно очигледно ја уништува партијата“?
Тоа што треба да се демократизира веднаш и најитно е Статутот на партијата. Не е нормално да ВМРО-ДПМНЕ во 21-от век, десна, конзервативна, политичка партија во Македонија која како држава претендира да биде членка на ЕУ, а веќе сме земја членка на НАТО да има недемократски Статут. Првото прашање кое се поставува, а се однесува на иднината е: „Како недемократски статутарно апсолутистички организирана политичка партија може демократски да организира и води држава“? Одтука, и поставеноста во Статутот на партијата мора да се измени во основа. Не е демократски да претседателот на партијата никој неможе да го повика на одговорност поради лоши политики, нанесена јавна штета на партијата или државата или поради изгубени избори. Не е во ред и потполно е апсолутистички, претседателите на Општинските комитети да ги назначува претседателот на партијата и истите тие кои тој ги назначил да бидат членови на Централниот комитет и да одлучуваат за некаква негова одговорност или пак да имаат храброст да дискутираат за политичките одлуки во партијата. Политички одлуки кои немаат влијание само врз ВМРО-ДПМНЕ, туку и врз Македонија, врз сите нас. Истиот тој Централен комитет го избира Извршниот комитет кој го предлага повторно претседателот на партијата, а на предлог пак на таквиот Извршен комитет, Централниот комитет ги избира делегатите на Конгресот кој пак го избираат претседателот на партијата. Сосема „демократски“ нели, се се врти во круг на не повеќе од петстотини луѓе, впрочем како што можевме да видиме така беше и на последниот Конгрес кога Мицкоски всушност се самореизбра. И тоа е накратко тоа што се однесува на Статутот кој е извор на сите проблеми кои денес ги има ВМРО-ДПМНЕ, кадровски, политички, организациони итн. Дополнително може да зборуваме за тоа како се избираат кандидатите за пратеници, градоначалници, советници, директори и други јавни функции на државно и локално ниво, а пак за нивната одговорност пред членството кое во пракса пожртвувано се бори за нивно доаѓање на тие функции, или пак иницијатива за нивна смена не станува збор. Резултатот на оваа ваква состојба е намалување на членството во партијата, скоро никаков активизам на локално ниво, па се до тоа на функции посебно на локално ниво да се ставаат луѓе кои немаат никаква ниту формално организациона врска со ВМРО-ДПМНЕ, а не пак со самите членови на партијата. Сето ова бара промени во насока на демократизација и со тоа и ревитализација на партијата. Неодвоив дел од демократизацијата на партијата преку статутарни промени е и внесувањето на фракциското внатрепартиско организирање со полно право на учество на фракцијата во донесувањето на одлуките на највисоки нивоа во партијата и можноста на демократски начин да се бори да го преземе раководењето со партијата.
3.Имате ли информации од терен, Општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и внатрешноста, каква е состојбата таму?
Секако, постојано имаме информации од терен и добро знаеме дека општинските комитети скоро и не функционираат пред се тоа се должи на октроирањето на претседателите на општинските комитети од страна на Мицксоки како што е најсвеж случајот со поставувањето на претседателот на Градскиот комитет-Скопје.Месните комитети во еден добар дел се само на хартија без никаква активност, а комитетите на избирачки места воопшто не постојат. Нема разлика дали се работи за општински комитети во Скопје или во внатрешноста, се работи за принцип на работа или поточно кажано за континуирана и намерна неработа со членството, негово непочитување и сметање на тоа дека членството по автоматизам ќе дојде и ќе одработи за да некој биде пратеник. Токму од тука треба да тргне ревитализацијата на партијата, секако најпрво по нејзината демократизација.
4.Внимателно ги прочитав барањата на Фракцијата, се добива впечаток дека инсистирате на стожерна улога на обичниот член и негова инволвираност во креирањето на политиките на партијата. Што е тоа што Вие го барате а не се случува во моментното функционирање на партијата?
Токму членовите на ВМРО-ДПМНЕ, оние членови меѓу кои сме и ние од Фракцијата, а за кои понекогаш знаеме да се изразиме пежоративно „обичен член“, како да оние во централниот штаб – палатата Христо Татарчев (белата палата), се необични или повеќе вредни, мора да биде носителот на сите одлуки и решенија во партијата. Едноставно врз основ на делегатски систем и непосредно гласање членовите на партијата ќе ги изберат најдобрите кадри од ВМРО-ДПМНЕ како за внатрепартиските функции на локално ниво и делегати на Конгрес, така и јавните функционери и нивни претставници на локално и државно ниво. Токму ова во моментов не се случува и тоа ги иритира членовите, бидејќи многу сме убедени како политичка Фракција во ВМРО-ДПМНЕ дека доколку се настапи според мериторен систем и според демократските принципи на раководење со партијата, еден голем дел од денешните раководни структури во ВМРО-ДПМНЕ на највисоко ниво пред се а вклучително и самиот Мицкоски, воопшто и никогаш не би биле избрани да вршат функција ниту на локално ниво во комитети на избирачки места. Тоа е многу забележливо и видливо, само доколку некој сака да го види, а поради што Фракцијата бара токму демократизација на Статутот и реорганизација на партијата на сите нивоа според волјата, политичката проценка и рејтингот кој поедини членови на партијата го уживаат кај членовите, пред се во своите матични месни и општински комитети. Колку побргу тоа се случи и Мицкоски прифати да замине од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ, толку побргу партијата ќе се демократизира и ревитализира со што ќе можеме да го победиме СДС и да ја водиме Македонија кон ЕУ.
5.Колку е значајна идеолошката матрица во тој процес, ја има ли воопшто во ВМРО-ДПМНЕ денес?
Според нас и нашето размислување во Фракцијата, идеолошката матрица заснована на македонската државност, на идеолошките основи на ВМРО-ДПМНЕ и онаа идеја која партијата ја имаше во 1990 година кога се формираше е исклучително важен сегмент. Идеолошката матрица влијае врз етичноста на членовите, нивната посветеност и здраворазумско размислување и патриотско однесување кон националните интереси на Македонија, исклучувајќи ги личните лукративни цели. Токму овие лични лукративни цели денес преовладуваат во ВМРО-ДПМНЕ и затоа немаме идеолошка матрица која на прво место ги има националните интереси на Македонија, туку имаме матрица на лични интереси втемелена врз лукративни цели и замислена моќ од позиција на партиска или државна функција на која поединци очекуваат да бидат октроирани – наметнати.
6.Колективна апатија, седум години опозиција, одлучува ли за некој сегмент од политиката обичниот член, или тоа е ексклузивитет на малкумина и од врвот како што знаете да кажете Вие?
Причината или поточно причините за како што Вие веќе констатиравте, колективната апатија и седум години опозицијата се токму сите овие појави кои претходно Ви ги кажав, но и многу други за кои ќе ни треба многу повеќе простор и време, а за кои зборуваме и ќе зборуваме како Фракција и во иднина, се со цел нашиот глас да допре до секој член на ВМРО-ДПМНЕ и да се охрабри отворено да се приклучи кон Фракцијата и да делува во својот општински и месен комитет, бидејќи силата на ВМРО-ДПМНЕ е во членството, во секој од нас поединечно и таа сила не е ексклузивитет на малкумината самоизбрани или поставени-назначени од Мицкоски како нему лично лојални, туку е сила на ВМРО-ДПМНЕ и изразената политичко-идеолошка лојалност кон партијата. Никој нема право да ја злоупотребува силата и волјата на членството, особено не за задоволување на сопствените лукративни цели. Манипулациите и лагите кон членството, лошите внатрепартиски кадровски политики, но и државните политики изразени во неучество на ВМРО-ДПМНЕ во процесите кои не засегаат сите нас, дефакторизирање на партијата како историски важен политички субјект во македонското општество се причината поради која партијата е седум години во опозиција на државно ниво.И покрај веќе скоро две години локална власт и владеење на една исклучително лоша, неспособна и криминализирана и корумпирана владина коалиција предводена од СДС, ВМРО-ДПМНЕ благодарение на неспособноста и намерната лоша политика на Мицкоски е во опозиција со тенденција апатијата кај членството да се зголемува. Жално е што екслклузивитетот со кој одлучуваат Мицкоски и неговите избраници ја држи ВМРО-ДПМНЕ сеуште во опозиција, а тоа е несомнено на штета на партијата и пред се на Македонија. Дури и театарските претстави со божем непоколебливи ставови поврзани со уставните измени и последната флоскула на Мицкоски дека „овој собраниски состав нема да донесе уставни измени“, многу јасно ја претставува лажната патриотска политика на Мицкоски исполнета со непотребен и задоцнет шовинизам кој е на штета на Македонија. Тоа нема да ја промени апатичноста на членство, туку напротив ги зголемува шансите на криминалното СДС да преживее, а што повторно негативно ќе се одрази врз мотивираноста на членството и довербата на граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ.
7.ВМРО-ДПМНЕ е партија која во своите редови има одлични кадри, респектабилен интелектуален потенцијал за кои велите дека многу малку е евидентен во македонскиот политички презент. На што се должи ова?
Да, точно сте го перцепирале овој факт. ВМРО-ДПМНЕ е партија која во своите редови има одличен кадар и респектабилен интелектуален потенцијал, а во исто време и луѓе со институционална меморија. Да не заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ имаше неколку влади во годините од осамостојувањето и долгогодишно институционално искуство. За жал Мицкоски и оваа раководство на ВМРО-ДПМНЕ заборавајќи на сопственото партиско членство, заборавија и на кадровскиот и интелектуален потенцијал кој го поседува партијата. Од една страна оваа сиромашна состојба на капацитетност на актуелното раководство и јавни настапи на ВМРО-ДПМНЕ е резултат на намерното заборавање на кадровскиот потенцијал во споствените редови, а што се должи на очигледната општествено-интелектуална и политичка инфериорност на самиот Мицкоски и еден добар дел од неговото раководство. Од друга страна тоа се должи на недовербата на членството во Мицкоски, впрочем се должи на неговите лични измами кон докажани и посветени членови на партијата со кои се пресметува со перфидни и недолични методи, пред се стигматизирајќи ги во јавноста поради нивните различни и воглавно спротивставени мислења со него. Пред се мора да напоменам дека Мицкоски се обидува да ја уништи и потчини интелектуалната вредност и достоинство на голем број високо квалитетни членови на партијата, а кога нема да успее во тоа се обидува јавно да ги стигматизира како божемни соработници на власта на СДС и преку социјалните мрежи да ги навредува. Од овие причини најголем дел од овие луѓе кои се докажани и посветени членови на ВМРО-ДПМНЕ со изразен интелектуален капацитет и кои никогаш не преминале на спротивната страна ниту направиле нешто против својата партија ВМРО-ДПМНЕ, се повлекуваат и стануваат неактивни. Од оваа самоуништувачка политика на Мицкоски, корист има само и единствено СДС. Во оваа прилика ќе ги повикам сите наши членови, поранешни и сегашни партиски или државни функционери за кои сум убеден дека се лојални на ВМРО-ДПМНЕ и неговата идеолошка матрица и кои се подготвени да работат за интересите на Македонија да се придружат отворено на Фракцијата. Повлекувањето во себе и избегнувањето на соочувањето со лошото раководство на партијата, како и не ставањето на располагање на татковината и на партијата на вашето знаење, квалитет, интелектуална големина и вештини е на штета на сите нас на граѓаните на Македонија и на сите членови на партијата и тоа долгорочно.
8.Каква е ситуацијата во поглед на позиционираноста на ВМРО-ДПМНЕ во делот на соработката со традиционалните, но и нови меѓународни партнери, како ја оценувате меѓународната соработка денес?
Тоа што ние како Фракција го знаеме, пред се од контактите кои ние ги имаме со традиционалните и новите меѓународни партнери на ВМРО-ДПМНЕ, пред се од Европските народни партии и демократско-христијанските партии, е дека сите контакти кои Мицкоски ги има со странските официајлни претставници се исклучително лоши за партијата. Лоши се како за угледот на партијата, бидејќи и самите наши меѓународни партнери ја гледаат внатрешната недемократска состојба во партијата. Покрај тоа ги гледаат и лошите и анти европски политики кои ги промовира раководството на партијата, а без при тоа да се понуди било какво соодветно решение, освен бледа политикантска фразеологија. Треба да ни биде јасно дека нашите меѓународни партнери бараат во ВМРО-ДПМНЕ да препознаат, да видат и да се убедат дека имаат стабилен про европски демократски, современ десничарски партнер, подготвен да создаде национален консензус по прашања кои се поврзани со нашето членство во ЕУ и про европската и НАТО ориентација. Сметам дека денешната „соработка“ на Мицкоски и актуелното раководство на партијата со нашите меѓународни партнери не е воопшто на ниво на соработка колку и тоа да сака да го претстави Мицкоски на неговиот јавен ФБ профил. Се работи за многу непријатни средби кои како што реков се лоши за партијата пред се, но во последно време истите се најповеќе од формална природа за потребите на дипломатите кои доаѓаат во Македонија, а особено оние кои се дел од нашите сестрински партии, со цел наоѓање на излезни решенија кои за жал неможат да ги видат, бидејќи не им се нудат од страна на Мицкоски.
Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ во секој случај одржува постојани контакти со нашите меѓународни пријатели и на секој начин работиме на тоа да го сочуваме дигнитетот на ВМРО-ДПМНЕ и интересите на Македонија, објаснувајќи дека личната политичка позиција на Мицкоски и дел од раководството на партијата не е вистинската слика за ВМРО-ДПМНЕ, но и дека во секој случај на партијата и е потребна демократизација и осовременување.
9.Четириесет и пет пратеници, исто толку градоначалници, дали се ова навистина недоволни бројки за да се изборат предвремени парламентарни избори?
Ова ваше прашање бара малку подолга елаборација на политичките состојби во Македонија, но и во регионот со влијание на глобалните случување. За да го елаборираме ќе ни треба едно сосема друго интервју, така што накратко ќе Ви одговорам дека и бројот на пратеници и бројот на градоначалници е сосема доволен за да се издејствуваат уште утре предвремени парламентарни избори. За тоа е потребно токму членството и мотивирани граѓани на Македонија, но за наша жал ниту преку Собранието – пратениците, ниту на локално ниво не се работи со членството и на граѓаните не им се дава надеж за конкретно делување. Тоа е очигледната неспособност или несакање на Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ да го турнат од власт неспособното и криминално СДС.
Токму не работејќи ништо во оваа насока, манипулирајќи со членовите на партијата, но и со граѓаните на Македонија, Мицкоски само последната година и половина пет-шест пати најавуваше предвремени избори или пушташе во оптект некакви датуми за избори за кои и самиот знаеше дека нема да се случат, но му беа потребни заради лично политичко преживување на чело на партијата.
Згора на се, многу перфидно и преку „независни“ портали се пуштаа лаги и дезинформации токму за нашите меѓународни партнери, првенствено дека тие не дозволуваат избори, односно дека го заштитуваат Ковачевски и СДС да останат на власт. Всушност вистината е сосема различна, ниту Мицкоски работеше или пак работи во моментот на уривање на СДС, ниту сака предвремени избори, а пак во исто време нашите партнери од ЕУ и САД едноставно сакаат да одржат стабилна безбедносна состојба во Македонија и регионот, особено во ситуација во која се наоѓа светот со војната во Украина и пред се да може да имаат доверлив и сигурен партнер на чело на Македонија како земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ. Тоа не значи дека криминализираното и корумпирано СДС им е доверлив партнер и во пракса се гледа дека владата на Ковачевски секојдневно е критикувана особено за енормната корупција во државата и немањето волја за борба против истата. Но, во една состојба во која Мицкоски и раководството на партијата демонстрираат несоодветни политики кои се безбедносно поопасни за Македонија и регионот нашите стратешки партнери немаат голем политички избор преку кои ќе може да се нивелираат геополитичките закани. Единствено што е извесно во политиката која ја демонстрира Мицкоски е дека некои други центри на моќ се вмешани во политиките на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ поради што неактивноста, лукративноста и неспособноста на Мицкоски да го поведе ВМРО-ДПМНЕ во победа над СДС неправедно се препишува и префрла врз нашите меѓународни партнери.
10.Младите се помалку се осудуваат и да помислат за било каква партиципација во политичкото живеење, ова е особено евидентно во структурите на „големите“ партии, тие во моментов како да се единствен ексклузивитет на некои други условно речено „помали“ политички субјекти. Каде исчезна вмровскиот ентузијазам кај младата популација?
Како што исчезна идеолошката матрица од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и јасна и јавна поддршка на нашите традиционални вредности, но пред се и јасната борба за македонската државност во клучните мигови, така и од истите причини исчезна и вмровскиот ентузијазам кај младата популација. Трагично е за Македонија што нашите млади генерации размислуваат како да побегнат од сопствената татковина. Тоа е резултат не само на економската и финансиска состојба, туку пред се на немањето доверба во политичките субјекти во државата, за наша жал и довербата на младите во ВМРО-ДПМНЕ, потоа личната сигурност, нефункционирање на системот и во тој контекст немањето никаква политичка конкретна и јасна понуда од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Со своите конфузни и нејасни политики раководството на ВМРО-ДПМНЕ ги одбива младите да пристапат во партијата. За наша жал оваа состојба ја злоупотребуваат и користат некои други политички субјекти кои јас би ги дефинирал како анахрони политички идеологии.
11.Го обвинувате актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ за тесна соработка со раководството на СДСМ, на што ги темелите овие тврдења?
Таа нивна соработка е повеќе од очигледна. Впрочем јасно ќе кажам дека ние како Фракција анализирајќи го однесувањето на Мицкоски, а во исто време и ноншалантното однесување на Ковачевски, појавата на Заев во разни политички и подземни комбинации, замешателствата на Пендаровски, особено околу МПЦ-ОА и многу други показатели на намерно нејасна и политика на опструирање без конкретни резултати од страна на ВМРО-ДПМНЕ покрај една вака изразено неспособна и корумпирана власт, дојдовме до заклучок дека не постои друго соодветно објаснување освен тоа дека Мицкоски и дел од оваа раководство на ВМРО-ДПМНЕ се во тесна соработка со СДС. Впрочем, не случајно излегоа фотографии во јавноста на еден од потпретседателите на партијата во друштво со еден од најблиските соработници на Заев. Потоа бевме сведоци на тајни средби помеѓу Заев и Мицкоски во присуство на актуелни високи функционери на СДС. Пред неколку дена бевме сведоци на отворена јавна соработка на Спасовски со Јанчев, впрочем самиот Јанчев со пофални зборови и глорификација се изјаснуваше за Заев, а потоа од самиот Мицкоски беше промовиран за повторен кандидат за градоначалник на Кавадарци од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е одлика политичка шизофренија, туку јасни показатели за соработка на Мицкоски и дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ со СДС. Во овој контекст би кажал дека меѓусебната соработка на Мицкоски со Заев и структурите на СДС се во насока на заедничко избегнување на членството на Македонија во ЕУ. Причините за ова се многубројни и повторно бараат едно посебно интервју за нивна елаборација пред македонските граѓани.
Сите овие индикатори кои за жал граѓаните во секојдневната своја борба за преживување не ги забележуваат, а во партијата за нив не се ниту поставува прашање затоа што внатре партиската демократија ан Мицкоски не го дозволува тоа, остануваат некаде на маргините на политичките случувања. Во основа токму овие политички случувања на соработка помеѓу Мицкоски и дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ со СДС влијаат врз реалните политички случувања и дискурс на Македонија. Тој дискурс заедно утврден од СДС и оваа раководство на ВМРО-ДПМНЕ како што веќе кажав е токму во спротивна насока од полноправното членство на Македонија во ЕУ, а тоа го гледаме секојдневно. Всушност, владата на СДС го чува Мицкоски да не падне од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ и за уште некои други работи или нивни адути во ракав, а Мицкоски му обезбедува на Ковачевски и СДС да владеат ослабувајќи го ВМРО-ДПМНЕ и не применувајќи сериозни политики.
12.Кои се следните чекори на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, кои се реалните шанси за да ги „протуркате“ вашите барања?
Чекорите кои ги преземаме и кои во иднина ќе ги преземаме не мора да бидат јавни и обелоденети, пред се за да ги заштитиме нашите сопартијци од притисоци или стигматизирање особено по социјалните мрежи. Создавањето на критична маса во ВМРО-ДПМНЕ која е во голем број на страна на Фракцијата е „шансата“ за која зборувате и таа е се поблиску до конкретна реализација, но не нешто да се протурка, туку да се направат демократски и потполни промени кои ќе го ревитализираат ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја обноват партијата во некогашниот сјај втемелен врз идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ и традиционалните вредности. Тие промени во насока на смена и детронизирање на Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ, Фракцијата ќе ги реализира со сите демократски расположливи средства и методи.
13.Каде ја гледате ВМРО-ДПМНЕ во изборната 2024 година, се добива впечаток дека изборите само треба да се случат за партијата да дојде на власт?
Најпрво треба да кажеме дека постои можност изборите да бидат и оваа есен, но доколку дојдеме до уставни промени. За тоа веќе зборувавме како Фракција со конкретно понудено решение, а тоа е уставните измени да се направат само по едно прашање, промена на Преамбулата и внесување во Уставот на Македонија други „малцинства“, односно делови од народи и тоа да се случи со акламација во Собранието. На овој начин ќе се постигне првиот национален консензус во Македонија и нема да има виновни и помалку виновни по што ќе може да одиме на парламентарни избори со сосема друга, пред се про европска платформа и ќе расправаме за криминалите, корупцијата, економскиот напредок на Македонија, функционирање на институциите, владеењето на правото и спроведувањето на законите. Е сега, политичка жртва во еден ваков расплет ќе биде Мицкоски, но тоа се должи единствено на неговата лична политичка кусогледост, а со неговото заминување ќе мора да замине и најголемиот дел од неговото раководство.
Што се однесува до тоа доколку одиме на избори во редовниот рок во 2024 година, тогаш очекувам многу тензии најпрво околу тоа дали ќе имаме одвоени претседателски од парламентарни избори, а потоа и околу временските рокови за подготовка и одржување на истите.
Не би се согласил со впечатокот дека изборите само треба да се случат за да нашата партија ВМРО-ДПМНЕ по автоматизам дојде на власт. Не постојат избори на кои по автоматизам се доаѓа на власт. Во прашање е волјата на граѓаните и нивната убеденост во политичкиот и личниот квалитет на претставниците на партиите кои учествуваат на избори. Македонските граѓани се многу пати досега измамени и се потешко дозволуваат тоа да им се случи. Резултат на тој отпор е намалување на излезноста на секој идни избори. Така што покрај другите фактори на влијание кои се многубројни, ВМРО-ДПМНЕ, особено оваа раководство кое сеуште се надева дека ќе излезе на следните избори и ќе ја предводи партијата најмалку треба да биде сигурно во тоа дека по автоматизам ќе извојува победа доколку воопшто дочека избори. Тоа е еден пред се погрешен и лош наративза членовите на партијата. Последиците од таквото самозадоволство од впечатоците кои не секогаш се исправни може да бидат погубни за нашата партија. Можеби некому тоа му е и целта.
14.Рејтинзите упатуваат на голема предност на ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна рејтингот на актуелниот претседател на партијата е помал од рејтингот на поранешниот претседател. Зошто е тоа така?
Да тоа е точно, ВМРО-ДПМНЕ според мерењето на рејтинзите е во голема предност пред СДС, но тоа се должи на искуството на македонските граѓани од некои претходни времиња, кога беа видливи резултатите кои ги постигнуваат владите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е добра основа за партијата како организациона структура, но да не заборавиме дека веќе зборувавме за недостигот од кадровски капацитет во раководството на партијата, а владата не се само претседателот на владата и министерскиот кабинет кој го предводи. Многу поголемо значење и влијание имаат останатите позиции во структурата на власта.
Токму резултатот во рејтинзите помеѓу партијата и нејзиниот актуелен претседател го потврдуваат овој наш став. Имено, недозволиво е да претседателот на партијата и по повеќе од пет години на чело на партијата има рејтинг од само 6%, кој е далеку помал од оној на партијата, а зачудувачки е што и покрај отсуството од државата на поранешниот претседател, актуелниот претседател на партијата има помал рејтинг и од него. Ова јасно покажува дека граѓаните токму искуствено и мемориски се ориентираат кон ВМРО-ДПМНЕ, но истовремено не го препознаваат Мицкоски ниту како лидер на партијата, а уште помалку како клучен фактор кој може да допринесе кон победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори, а воедно и некој кој би можел успешно да предводи некоја идна политичка влада на ВМРО-ДПМНЕ на чело на Македонија.
Причината за ова е се она што претходно го кажавме за состојбите во партијата и начинот на раководење со партијата од страна на Мицкоски и неговото раководство, но и реалното учество и влијание на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Мицкоски врз политичките процеси со кои се соочува нашата Македонија последните пет години. Тоа покажува и колку малкумина од членството на партијата му веруваат на Мицкоски, а не пак колку му веруваат граѓаните на Македонија, и зошто и би му верувале кога се знае како се самоизбра на последниот Конгрес. За ВМРО-ДПМНЕ не е нормално да има толку голема дискрепанца помеѓу партијата и претседателот на истата, тоа покажува слабо лидерство што не е вообичаено за ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа Фракцијата низ демократизација на членството му нуди лидерство избрано од членовите кое ќе биде силно и ќе ја има нивната поддршка.
15.Мала бара многу крокодили … најверојатно тоа е историската предодреденост на вмровската идеја од 1893 година до денес, постои ли можност за обединување на сите национални елементи, зад четирите букви, кои би направиле резултат +61 на наредните избори?
Во оваа прилика не би зборувал за историското ВМРО и организацијата од 1893 година, бидејќи потполно се различни условите на делување и работа на партијата, а и ќе ни одземе многу време да направиме една квалитетна компаративна анализа со историска ретроспектива.
За да се реализира обединувањето на сите национални прогресивни не криминализирани сили и за да се исчисти „барата од крокодилите“ кои го јадат македонското државно и национално ткиво, потребено е пред се силно демократско и витално ВМРО-ДПМНЕ. Силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ е решението за да се направи резултат со мнозинство на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, односно како што велите +61 пратеник. За жал состојбата со коалиционен и демократски, национален и со тоа обединувачки капацитет кај актуелното раководство на партијата е лоша. Можеби и премногу е блага констатацијата дека е лош капацитетот на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ за обединување на сите национални демократски и про европски сили, тој капацитет е катастрофален. Најпрво, самото раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски е анти европски расположено и со своето практично делување и политичко поведение покажува про руско расположение и определба, колку и да се обидува тоа да го прикрие, особено пред нашите стратешки сојузници. При тоа, трагично е што на суптилен начин во оваа политичка матрица како во замка ги вовлекува членовите на партијата, на онаа ВМРО-ДПМНЕ кое во 1990 година беше синоним за про европска партија и барател за членство на Македонија во НАТО. Второ, самиот политички капацитет на Мицкоски да создаде широка и цврста коалиција како обединет фронт против СДС е никаков, односно не постои од многу причини кои се лични но и политички. Моменталната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ е всушност самата наша партија со рудиментиран кадровски потенцијал и список на политички партии кои немаат скоро никаква одлучувачка тежина на политичката сцена. Одтука, особено е карактеристично тоа што Мицкоски, според мене намерно, ја раскина коалицијата со клучните политички партнери кои во определен момент покажаа дека можат и самите да се изборат за вреднувана политичка позиција во Македонија. Во овој контекст на политички капацитет за обединување на прогресивните про европски национални сили не смееме да ја заборавиме и внатрешната руинираност на ВМРО-ДПМНЕ што пред се придонесува кон внатрепартиско неединство, а внатрепартиското единство е предуслов да може да се изгради цврста, детерминирана про европска политика со која ќе се пристапи кон улогата на ВМРО-ДПМНЕ како аголен камен во изградбата на фронтот против СДС.
Водејќи се од овие факти кои се многу видливи, ние како фракција очекуваме дека Мицкоски и оваа раководство на партијата нема да успеат да создадат јасна национална и пред се про европска коалиција која ќе победи одлучувачки над корумпираното и криминализирано СДС. Впрочем и однесувањето на партијата на локалните избори во Куманово е многу еклатантен пример во кој актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ го жртвуваше нашиот кандидат за градоначалник за сметка на Максим Димитриевски кои пред само четири години беше кандидат на СДС, а и денес е социјал-демократ кој само привремено не се согласува со раководството на СДС од лични причини. Потполно е нелогично за нормално десно, вмровско размислување да поддржуваме социјалдемократски кандидат кој само во моментот е „против“ СДС. Тоа е потполно исто како и другите политички грешки на избори кои ги направи Мицкоски, а на кои беше предупреден од моја страна во тој период, за да подоцна за своите катастрофални грешки да се извинува на членството и да објаснува како ете тој не е виновен за одлуките кои ги донел и наметнал на Извршниот и Централниот комитет. Токму во овој контекст меѓу другото зборував за потребата од одговорност и отчетност на претседателот на партијата и раководството, што единствено преку статутарните промени и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ може да се постигне. Одтука, токму водени од идејата за обединување на ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин негово ревитализирање, Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ во иднина ќе ги преземе сите законски и статутарни расположливи активности за дејствување со крајна цел смена на Мицкоски и актуелното раководство на партијата. Едноставно во изминатите седум месеци колку што Фракцијата делува јавно и на терен, Мицкоски не најде за потребно да дејствува во насока на демократизација на партијата и промена на Статутот на партијата. Нашиот заклучок е дека Мицкоски и дел од оваа раководство на партијата воопшто немаат намера да ја засилат и обединат ВМРО-ДПМНЕ, а не пак да бидат стожер за национално обединување со цел пораз на корумпираното и криминализирано СДС. Ова уште еднаш покажува дека Мицкоски има соработка со СДС, со крајна цел да им овозможи да останат на власт, поради што заминувањето на Мицкоски веднаш од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ претставува шанса за ВМРО-ДПМНЕ да демократизирано и ревитализирано со ново раководство со сигурност го победи СДС на следните избори,
intervju.mk