Пишува Александар Сашко Кукулев
Другарки и другари народни претставители,
Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчињски“ и на овој историски ден – ИЛИНДЕН -, кога објавуваме да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава. Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија
Вака говореше омилениот велешкиот учител, сведителот на два Илиндена, членот на ВМРО Обединета, комунистот, интернационалистот и голооточкиот затвореник Панко Брашнар. Во својот говор на Првотозаседание на АСНОМ, тој најпрецизно ги отцрта контурите на идната македонска држава, оставајќи ни нам, поколенијата по него, да ги разбереме, да ги негуваме и чуваме за генерациите што ќе дојдат по нас. Овој брилијантен и далекувид приказ на македонскиот копнеж, полека се рони под забот на времето, на недоветноста, на историската неписменост и проклетието на парите и заборавот, кој полека но сигурно не престорува во авети без тела кои хаотично талкаат помеѓу себе и себе си, гонети од генот за самоуништување !
Од септември 2011 година, кога го пронајдовме неговото вечно почивалиште, до денес април 2023 година, државата Македонија, не мрдна со малиот прст во насока на враќање на неговите мошти во родниот Велес, кој беше негова инспирација и засекогашен копнеж. Каква неподнослива леснотија на себепогазувањето ! Каков апсурд ! Во три парламентарни состави, по 120 „Народни“ избраници, ниту една иницијатива за враќање на неговите посмртни остатоци во Македонија. Можеби од половината на „народните пратеници“ и не беше за очекување, што поради менталниот склоп, што поради изостанок на центар за припадност и патриотизам во хипоталамусот ..и беше очекувано, но од втората половина која се лигави по фејсбуци, се чука во гради по твитери и мрсулавее по инстаграми, задолжително со порака „ За Македнија брат“, „Една е“, „Тивко е“, „Македонците доаѓаат по своето“, во три пратенички состави да се нема јазик, да се нема потреба, да се нема тестис да се бекне, …да се крикне.. .силно да се распара небото….да не се чувствува потреба…е навистина мизерно, грозно, идиотски, неприфатливо…недозволиво !
Овој текст нека се сфати како мој (еден од многуте) нов крик за враќање на учителот од Хрватска во Македонија !
До актуелниот парламентарен состав ! Иницијатива за враќање на моштите на Панко Брашнаров од Мирогој во Загреб (Хрватска) во Велес (Македонија) !
Приказните за заедничка гробница, за мноштво тела, за тешкотии при идентификувањето, се приказни за мали деца. форензиката денес е на рамниште на ЧУДО, особено кога се знае точната локација.
Во прашање е само воља, свест, почит и потреба…што вие кутри, тажни, залутани „Народни претсавници“ едноставно ја немате. Такви сигурно и дедовците ви беа, што ве создада вакви непрокопсани и недостоинствени на воздухот што го вдишувате.
Искрено, последната надеж (од овој парламентарен состав) ја гледам во преостанатите двајца пратеници од Велес, во кои сеуште верувам дека трепери сонцето и љубовта кон она што бевме вчера. Велешани кои живеат во Скопје, но сеуште можат да ги помрднуваат работите. Некои ќе рече, чекај…. има повеќе пратеници од Велес… ДА, но тие(ПРЕОСТАНАТИТЕ) досега јасно покажаа дека се со изместен центар за припадност или бесцентарност, што ги прави тотално неквалификувани за овој подвиг.
Некој можеби ќе ме потсети на Општина Велес, како можен иницијатор на процесот за враќање на моштите на Брашнаров во Македонија…
Охххх…Општина Велес…..па од нив веќе одамна никој ништо не очекува !