Лекарската комора ќе ја одземе лиценцата на Тик Ток анестезиологот од клиниката во Тетово
Лекарската комора ќе се состане за да одлучува околу одземањето на лиценцата на Анестезиологот од гинеколошкото одделение од Тетовската клиника на кој му е одреден 8 дневен притвор поради снимање на видеа со пациенти и лекарски персонал и прикачување на социјалната мрежа Тик – Ток.
Во дописот од Лекарската комора наведуваат:
– Барањето за почитување на сопствените права, тргнува од почитувањето на туѓите права, во случајов правата на пациентите, затоа во најкус рок органите на Комората ќе бидат свикани да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки. Со Кодексот за медицинска деонтологија лекарите се обврзуваат дека професија ќе ја вршат совесно и одговорно, дека ќе го почитуваат човековото достоинство и правата на болните и ќе ја чуваат нивната доверба. Лекарската комора како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина во нашата земја продолжува да работи на заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права на докторите на медицина, но со критички однос кон сите оние кои го рушат достоинството, угледот и интегритетот на професијата, како дејност од посебен општествен интерес.
На 43 годишниот анестезиолог кој од вчера е во притвор засега му се ставаат на товар две кривични дела неовластено снимање и злоупотреба на службената положба. Според кривичниот законик за првото дело односно неовластено снимање е пропишана парична казна или казна затвор до една година но бидејќи се работи за службено лице казната може да биде и од 3 месеци до 6 години. Според кривичниот законик се предвидува и казна затвор од три месеци до три години за злоупотреба на службената должност а за поголема штета или потешка повреда на правата на друго лице казната може да достигне од 6 месеци до 5 години.
Она пак што за сега е познато е дека му е прекинат работниот однос на анестезиологот во болницата откако за тоа во изјави за медиумите информираа и директорот на клиниката Вела како и министерот за здравство Меџити.
Јавното обвинителство пак веќе отвори предмет откако лицето беше изведено пред судија на претходна постапка а за тоа информираа и од СВР Тетово. Ова е само еден од низата случаи кои го тресеа македонското здравство изминатите две недели откако под лупата на јавноста и институциите беше и случајот со смртта на малата јана во битолската болница како и смртта на новороденче.